1Потоа го собра Мојсеј целото општество на синовите израелски, и им рече: „Еве што заповеда Господ да правите:
2шест дена да се работи, а седмиот ден да ви биде одмор, зашто е света сабота, починка на Господ; секој што ќе работи во тој ден, со смрт да се казни;
3во саботен ден да не палите оган нигде во живеалиштата ваши.“
4И уште му рече Мојсеј на целото општество на народот израелски: „Еве што заповеда Господ:
5соберете помеѓу вас принос на Господ, секој што од срце дава, нека донесе принос, доброволно нека принесе принос на Господ: злато, сребро и бакар,
6сина, пурпурна и црвена волна, лен и козина;
7и овнешки кожи, црвени, сини кожи и дрво шитим;
8масло за светилникот, и мириси за маслото за помазание и мирисното кадиво;
9и камења од оникс, и камења за украсување на ефодот и за наградникот.
10И сите, кои се меѓу вас мудри по разум, нека дојдат да направат сѐ што заповедал Господ:
11Скинијата, платништата и покривот нејзин, кукичките нејзини и штиците, напречниците нејзини, столбовите нејзини и подножјата нејзини;
12и ковчегот на заветот, со своите лостови, и чистилиштето, и завесата за преграда.
13Трпезата и лостовите нејзини, и сиот прибор нејзин и лебовите за принос;
14светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и маслото за осветление;
15и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и маслото за помазание, и миризбите за кадење, и завесата на вратата од скинијата;
16жртвеникот за сепаленици, и неговите бакарни решетки, лостовите негови и сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово.
17Завесите за дворот, столбовите негови и подножјата нивни, и завесата од вратата на дворот;
18коловите за скинијата, и коловите за дворот со јажињата нивни;
19одеждите службени за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба.“
20Потоа целото општество на синовите израелски се повлече од Мојсеј.
21И доаѓаа сите кои срцето ги влечеше и душата ги поттикнуваше; доаѓаа, носејќи принос на Господ — приноси за уредување на скинијата, за сите нејзини потреби и за светите одежди;
22доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, и принесуваа веришки, обетки, прстени и гривни и секакви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господ;
23и секој, кој имаше сина, пурпурна и црвена волна и лен, овнешки кожи, црвени, и сини кожи, ги принесуваа;
24и секој, кој донесуваше сребро или бакар, Му Го принесуваше како дар на Господ; и кој имаше дрво шитим, го принесуваше за секоја потреба.
25А секоја жена, мудра и вешта, предеше со своите раце и принесуваше сѐ што ќе испреде — преѓа сина, пурпурна и црвена и лен;
26секоја пак, жена, која сакаше, а и можеше да преде, предеше козина.
27А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефодот и на наградникот;
28исто така и аромати, масло за осветление и масло за маслото за помазание и миризби за кадење!
29И така синовите израелски — сите мажи и сите жени, кои сакаа да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господ.
30Тогаш им рече Мојсеј на синовите израелски: „Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.“
31И го исполни со Божји Дух, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност;
32да изработува планови, и да прави работи од злато, сребро и бакар;
33да реже камења, да реже и обработува дрво, и да прави секакви уметнички работи;
34а вложи во неговото срце и во срцето на Охолијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други.
35Ги обдари со умешност да вршат секаква работа, на ковач, уметник и везач на сина, пурпурна и црвена и ленена ткаенина и ткајачи, кои прават секакви работи и изработуваат уметнички планови.