Exodus 322006

1А народот, кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арон, и му рече: „Стани и направи ни бог што ќе оди пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек — со Мојсеј, кој нѐ изведе од земјата египетска.“

2Арон им рече: „Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени, синовите ваши и ќерките ваши, и донесете ми ги!“

3И сиот народ ги извади златните обетки, што им беа на ушите, и му ги донесоа на Арон.

4А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: „Еве го, Израеле, твојот бог, кој те изведе од земјата египетска.“

5А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: „Утре е празник на Господ.“

6Утредента, станувајќи рано, принесоа жртви сепаленици и жртви за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат.

7И му рече Господ на Мојсеј: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата египет­ска, појде по пат на беззаконие.

8Брзо се отклонија од патот, што им го определив; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Еве го, Израеле, твојот бог што те изведе од земјата египетска.‘“

9И му рече Господ на Мојсеј: „Гледам дека оној народ е тврдоглав,

10но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ.“

11А Мојсеј, се помоли пред Господ Бог, и рече: „Зошто се разгорува, Гос­поди, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата египетска со сила голема и рака цврста?

12Зошто Египќаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири Твојот силен гнев и немој да го погубуваш народот Твој.

13Сети се на Авраам, Исак и Израел, слугите Твои, на кои им се колнеше, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше како ѕвездите на небото, и сета оваа земја, за која ви зборував, ќе му ја дадам на потомството ваше; вечно ќе ја владеат.‘“

14И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше рекол.

15Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на заветот, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано.

16Плочите беа Божјо дело, и писмото — Божјо писмо, врежано на плочите.

17А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеј: „Борбен повик е во логорот.“

18Но тој одговори: „Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на луѓе кои пеат.“

19А кога се приближи до логорот и го виде телето и игрите, се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината.

20Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат си­новите на Израел.

21И му рече Мојсеј на Арон: „Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?“

22А Арон му рече: „Не гневи се, гос­подаре мој; ти самиот знаеш дека овој народ му е наклонет на злото.

23Тие ми рекоа: ‚Направи ни бог што ќе оди пред нас; бидејќи не знаеме што стана со Мојсеј, со човекот кој нѐ изведе од земјата египетска.‘

24А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го извади од себе.‘ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.“

25Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан — бидејќи Арон беше допуштил да падне во необузданост, пред очите на нивните непријатели,

26застана Мојсеј на вратата од логорот, и рече: „Кој е Господов, нека дојде кај мене!“ И се собраа кај него сите синови Левиеви.

27И тој им рече: „Еве што вели Господ, Бог на Израел: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по логорот, па тргнете од врата на врата и обратно, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.“

28И постапија синовите Левиеви спо­ред заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души.

29И Мојсеј им рече: „Денес Му ги посветивте рацете свои на Господ за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.“

30А утредента Мојсеј му рече на на­родот: „Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе кај Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.“

31И се врати Мојсеј кај Господ, и рече: „Овој народ направи голем грев, бидејќи си направи бог од злато.

32И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.“

33А Господ му рече на Мојсеј: „Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.

34Но сега оди, и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.“

35И го казни Господ народот, за на­пра­веното теле што го излеа Арон.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Exodus 32.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.