Exodus 28
1 „А ти земи го кај себе Арон, братот твој, со синовите негови, за да Ми бидат свештеници: Арон, Надав, Авиу, Елеазар и Итамар, синови Аронови.
2 И направи му свети одежди на Арон, братот твој, за чест и слава.
3 И кажи им на сите надарени со ум, кои сум ги исполнил со дух на мудрост, да му направат на Арон одежди, за негово посветување, за да Ми биде свештеник.
4 А ова се одеждите што треба да ги направат: наградник, ефод, наметка, везен хитон, кидар и појас. Нека направат свети одежди за Арон, и за синовите негови, за да Ми бидат свештеници.
5 Затоа нека земат злато и сина, пурпурна и црвена волна и чист лен.
6 Па нека направат ефод од злато и од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан чист лен — уметничка изработка.
7 На него два нарамника нека има, кои се врзуваат на двата краја, за да се држат заедно.
8 И појасот на ефодот, што е одозгора, нека биде иста изработка: од злато, од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен.
9 И земи два камена оникс, и изрежи ги на нив имињата на синовите Израелови:
10 шест имиња нивни — на едниот камен, а другите шест имиња — на вториот камен, според редоследот на нивното раѓање;
11 со помош на каменорезец, како гравура врз печат, ќе ги изрежеш на тие два камена имињата на синовите Израелови.
12 Тие два камена потоа стави ги на нарамниците од ефодот, како камења за спомен на синовите Израелови: и Арон ќе ги носи имињата на синовите на Израел пред Господ на обете рамења за нивни спомен.
13 Направи и две копчиња од злато,
14 потоа две веришки од чисто злато; направи ги како усукани врвци, па закачи ги плетените веришки за копчињата.
15 И градник судиски направи — уметничка работа; направи го како по составот на ефодот: од злато, од пурпурна, сина и црвена волна и од пресукан лен направи го;
16 четириаголен да биде, двоен, педа долг и педа широк;
17 нареди по него во четири реда скапоцени камења. Во првиот ред: рубин, топаз и смарагд,
18 во вториот ред: антракс, сафир и елмаз;
19 во третиот ред: опал, ахат и аметист;
20 во четвртиот ред: хризолит, оникс и јаспис. Тие треба да бидат поставени во златни рамки.
21 Тие камења со имињата на синовите Израелови треба да бидат дванаесет, според имињата нивни: нека бидат врежани како печат, со по едно име од бројот на дванаесетте племиња.
22 И на наградникот стави виени веришки, исплетени од чисто злато.
23 Направи и две златни алчиња за наградникот, и двете алчиња прицврсти ги за двата краја на наградникот,
24 па провлечи ги двете златни веришки низ двете алчиња за краевите од наградникот,
25 а другите два краја од двете веришки закачи ги за двете копчиња и стави ги на нарамниците од ефодот, од предната страна.
26 Направи и уште други две алчиња златни, па стави ги на другите два краја од наградникот, од внатрешната страна на ефодот;
27 а направи и две златни алчиња, и прицврсти ги за двата нарамника на ефодот, одоздола, од неговата предна страна, каде што се соединува, над појасот.
28 Потоа алчињата на наградникот нека се врзат за алчињата на ефодот со сина врвка плетена од волна, та да не се одделува наградникот од ефодот, туку да стои на појасот од ефодот,
29 А Арон ќе ги носи имињата на синовите Израелови преку наградникот судиски, над срцето свое, кога ќе влегува во светилиштето, за спомен пред Бога.
30 А во наградникот судиски стави ги урим и тумим; и тие ќе бидат над срцето Ароново, кога влегува пред Господ; а Арон секогаш ќе го носи над срцето свое судот на синовите Израелови пред Господ.
31 Направи и наметка кон ефодот, целата сина;
32 одозгора во средината нека има прорез за главата; и нека биде работ на прорезот наоколу опшиен со ткаен ширит, како што се опшива отворот на оклоп, така што наметката да не се реси;
33 и по полите нејзини направи топченца од сина, пурпурна и црвена волна, а наоколу, меѓу нив, и златни ѕвончиња:
34 златно ѕвонче па топче, златно ѕвонче па топче по полите на наметката насекаде наоколу.
35 Неа ќе ја носи Арон, кога ќе служи, за да се слуша гласот од неа кога ќе влегува во светилиштето пред лицето на Господ, а и кога излегува, та да не умре.
36 А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат ‚Светиња Господова‘,
37 и да ја врзеш со сина врвца за кидарот, така што да стои од предната страна на кидарот.
38 И ќе биде на челото Ароново, та Арон на себе да ги презема гревовите на приносите, што ги посветуваат синовите израелски, и на сите дарови, што му ги принесуваат тие; и така, таа нека биде секогаш на неговото чело, за да бидат тие секогаш примени од Господ.
39 Направи и хитон од лен, и кидар од лен; а појасот направи го везен.
40 И на синовите Аронови направи им хитони, направи и појаси, и превивки за главата направи им, за чест и слава.
41 Во тоа облечи го Арон, братот твој, и синовите негови со него; помажи ги, исполни им ги рацете, и освети ги, за да ми бидат свештеници.
42 А направи им и долна облека од лен, да се покрие голотијата од телото нивно, од крстот до бедрата;
43 и да ги носи Арон, и синовите негови, кога влегуваат во скинијата, или кога пристапуваат кон жртвеникот за служба во светилиштето, за да не навлечат грев и не умрат. Тоа нека биде вечен закон за него и за потомството негово по него.“