Exodus 26
1 „Направи и скинија од десет платништа: од пресукан лен, од сина, црвена и светлоцрвена волна; врз нив да направиш и херувими — уметничка изработка.
2 Должината на секое платниште нека е дваесет и осум лакти, додека ширината на секое платниште — четири лакти; таа мерка да биде за сите платништа.
3 Петте платништа нека се поврзани едно со друго, а и петте други платништа нека се поврзани едно со друго.
4 И направи сини котелци по работ на првото платниште, од едната страна за соединување; така направи и по работ на последното платниште: каде што ќе се соединуваат двете половини;
5 педесет котелци направи на едно платниште, и педесет котелци направи по работ на другото платниште, каде што ќе се соединуваат со следното; да бидат еден спроти друг.
6 Направи и педесет кукички од злато и со кукичките соедини го едното платниште со другото; и така скинијата ќе претставува една целина.
7 Потоа направи платништа од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи.
8 Едното платниште да е долго триесет лакти, а широко — четири лакти; таа мерка да биде за сите единаесет платништа.
9 И соедини ги петте платништа одделно, и шестте платништа одделно; шестото платниште откај влезот во скинијата свиткај го на две.
10 Направи и педесет котелци по работ од едното крајно платниште, и педесет котелци по работ од второто крајно платниште, каде што ќе се соединуваат.
11 И направи педесет кукички од бакар и состави ги кукичките со котелците, па соедини ги платништата, за да бидат една целина.
12 А остатокот од платништата на скинијата превиткај го, нека биде таа половина спуштена над скинијата од задната страна;
13 остатокот, пак, од должината на платништата на скинијата — лакот од едната страна и лакот од другата страна — нека бидат спуштени од страните на скинијата — од едната и од другата страна, за да ја покриваат.
14 И направи покрив над скинијата од овнешки кожи, црвено обоени, како и покрив од сини кожи — одозгора.
15 Направи и штици за скинијата од дрвото шитим што ќе стојат исправени;
16 десет лакти нека биде долга една штица, а лакот и пол широка секоја штица;
17 на секоја штица нека има по два клина — еден спроти друг; така направи на секоја штица за скинијата.
18 Така направи штици за скинијата: дваесет штици од страната откај Негев што е на југ,
19 а под дваесетте штици направи четириесет подножја од сребро: две подножја на една штица за обата клина нејзини, и две подножја под другата штица за обата клина нејзини;
20 и дваесет штици за другата страна на скинијата, од север,
21 со четириесет подножја сребрени: две подножја под едната штица и две подножја под другата штица.
22 А од задната страна на скинијата — што е откај запад, направи шест штици.
23 И направи две штици за аглите на скинијата од задната страна;
24 тие да бидат одоздола и одозгора поврзани со алка; така нека биде со двете; тие нека бидат за обата агла;
25 и така ќе има осум штици со шеснаесет подножја сребрени: по две подножја под една штица, и по две подножја под друга штица — за обата клина нејзини.
26 Понатаму направи напречници од дрвото шитим, пет за штиците од едната страна на скинијата,
27 и пет напречници за штиците од другата страна на скинијата, и пет напречници за штиците од задната страна на скинијата, што е кон запад;
28 а внатрешниот напречник да минува преку средината на штиците, од едниот крај до другиот.
29 Штиците опкови ги со злато, а и алките за напречниците направи ги од злато; напречниците исто така, опкови ги со злато.
30 Така ќе ја направиш скинијата според образецот, што ти беше покажан на планината.
31 И направи завеса од сина, пурпурна и црвена волна и пресукан лен; и на неа нека има уметнички извезени херувими.
32 И закачи ја на четири столба од шитим, опковани со злато, со златни кукички, а нивните подножја — сребрени.
33 Потоа обеси ја завесата на кукичките, и внеси го таму зад завесата ковчегот на заветот; и завесата ќе го одделува светилиштето од Светињата над светињите.
34 И со капакот — чистилиште покриј го ковчегот на заветот во Светињата над светињите.
35 Намести и трпеза пред завесата и светилник спрема трпезата, од јужната страна на скинијата, а трпезата постави ја на северната страна.
36 И направи завеса за влезот во скинијата од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен — везена работа.
37 За таа завеса ќе направиш пет столбови од шитим, опковани со злато и со златни кукички; па ќе им излиеш за нив и пет подножја од бронза.“