Exodus 22
1 „Ако се фати крадец, како пробива ѕид и го удрат така, што тој умре, тоа не се смета за убиство.
2 Но, ако сонцето веќе се појавило над него, тогаш да се бара крвнина. А крадецот штетата мора да ја надомести. А, ако нема ништо, тогаш тој да биде продаден и да се надомести украденото.
3 Ако кај фатениот се најде она, што го украл, живо, било вол, магаре или овца, да го врати двојно.
4 Ако некој уништи нива, или лозје, пуштајќи го добитокот свој да пасе во туѓа нива, да надомести со најдоброто од својата нива и најдоброто од своето лозје.
5 Ако се појави оган, па тој го зафати трњето, и се запалат снопјето, или ожниеното, или нивата, оној, кој го предизвикал пожарот, да плати.
6 Кога некој му даде на ближниот свој сребро или предмети на чување, и тие бидат украдени од неговиот дом, крадецот, ако се фати, нека плати двојно;
7 ако, пак, крадецот не се фати, тогаш сопственикот на куќата нека се јави пред Бога, па нека се заколне дека тој не посегнал врз имотот на својот ближен.
8 За секој спорен предмет: за вол, магаре, овца, облека, за секој изгубен предмет, за кој некој тврди дека е негов, нивниот спор треба да дојде пред Бога: па кого ќе го осуди Бог, тој нека му плати на ближниот двојно.
9 Ако некој му даде на чување на ближниот свој магаре, или вол, или овца, или некој друг добиток, и тој добиток пцовиса, или се повреди, или, пак, биде откраднат, а никој тоа не го види,
10 тогаш меѓу нив нека одлучи клетвата пред Господ дека оној не посегнал врз имотот на својот ближен, и ако сопственикот така го прими, не се надоместува;
11 ако, пак, му биде украден, тогаш нека му плати на сопственикот негов.
12 А ако е изеден од ѕверка, да донесе доказ за тоа и да не плаќа ништо.
13 Ако некој од ближниот свој добие на услуга добиток, па тој биде повреден или пцовиса, а сопственикот не бил со него, ќе мора да се плати;
14 но, ако сопственикот бил со него, да не се плаќа. Ако, пак, бил земен под наем, да се плати само наемот.
15 Кој измамил несвршена девојка, и биде со неа, да ја дарува и да ја земе за жена;
16 а ако таткото нејзин одбие да му ја даде, да одмери сребро на татко ѝ колку што следува за мираз на девојката.
17 Вражарка да не оставате жива.
18 Кој ќе легне со добиток, со смрт да се казни.
19 Кој принесува жртва на други богови, освен на Единиот Господ, со смрт да се истреби.
20 Доселеник немој да притеснуваш, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте доселеници во земјата египетска.
21 Не притеснувајте, ни вдовици, ни сираци;
22 ако ги притесниш и тие повикаат кон Мене, ќе го чујам нивниот лелек,
23 и ќе се распали гневот Мој, па со меч ќе ве убијам, и вашите жени ќе останат вдовици, а вашите деца — сираци.
24 Кога на заем ќе дадеш пари на некој сиромашен од народот Мој, не присилувај го и не наложувај му лихва.
25 Ако ја земеш во залог облеката од ближниот твој, врати му ја до зајдисонце;
26 бидејќи таа му е единствена покривка, облека што го чува телото негово: со што ќе спие тој? И кога ќе повика кон Мене, Јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.
27 Не проколнувај Го Господа, ни за старешината на твојот народ не зборувај лошо.
28 Не воздржувај се да ги принесеш првите плодови од жетвата и лозјето; давај Ми го првородениот од синовите твои.
29 Така прави, и со крупниот, и со ситниот твој добиток; седум дена нека бидат кај својата мајка, а во осмиот ден дај Ми ги Мене.
30 И ќе Ми бидете свет народ. Затоа и месо од растргнато животно да не јадете; фрлај им го на кучињата.“