Exodus 212006

1А ова се законите, што ќе им ги објавиш:

2„Ако купиш роб Евреин, шест години нека служи, а седмата нека си оди слободен, без откуп;

3ако дошол сам, сам нека си оди; а ако има жена, нека оди и жената со него;

4ако, пак, неговиот господар му дал жена, и таа му родила синови или ќерки, жената и децата нека останат на господарот негов, а тој нека си оди сам;

5но, ако робот одговарајќи, рече: ‚Го сакам господарот мој, жената моја, и децата мои; не сакам да одам и да бидам слободен‘,

6тогаш таквиот неговиот господар нека го доведе пред судот Божји и нека го постави пред вратата или на прагот и таму неговиот господар да му го продупчи увото со шило, та да му остане вечен роб.

7Ако некој ја продаде ќерката своја за робинка, таа да не си оди како што си одат робовите;

8ако не му се свиди на господарот нејзин, кој ветил дека ќе ја земе за жена, нека ја отпушти. Но нема право да ја продаде на туѓ народ, кога сам ја отфрлил;

9ако, пак, ја свршил за синот свој, нека ѝ го даде правото, што го имаат ќерките;

10ако земе друга за себе, првата не смее да ја лиши од храна, облека и со­пружничко сожителство.

11Не ѝ ги направи ли овие три работи, тогаш нека си оди од него слободно, без откуп.

12Кој ќе удри човек и тој умре, со смрт да се казни.

13Но, ако тоа не го направил намерно, а Бог допуштил да падне под негови раце, тогаш ќе ти определам место, каде што може да побегне убиецот.

14Ако некој, пак, намерно го нападне својот ближен, со цел да го убие на измама, одвлечи го и од жртвеникот Мој, за да умре.

15Кој ќе го удри таткото свој или мајката своја, да се погуби.

16Ако некој украде човек и го продаде или се најде во негови раце, со смрт да заврши.

17Кој го проколнува таткото свој или мајката своја, со смрт да се казни.

18Кога некои мажи се скараат, па еден од нив удри друг со камен или со тупаница, но тој не умре, туку легне во постела,

19па, кога ќе стане, макар и со стап да се потпира, на оној што удрил нека му е просто; само денгубата да му ја надомести и за лекувањето да плати.

20А кој ќе удри роб свој или робинка своја со стап, и тие умрат од неговата рака, нека биде виновен пред судот;

21но, ако тие преживеат ден или два, да не е виновен, бидејќи тие се негов имот.

22Кога некои луѓе се степаат, па некој од нив удри бремена жена, така што таа пометне, но не дојде до смрт, да плати глоба, колку што ќе определи мажот на жената; а да ѝ плати пред судии;

23ако, пак, се случи повреда, тогаш нека се даде живот за живот;

24око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога,

25изгоретина за изгоретина, рана за рана, повреда за повреда.

26Ако некој го удри робот свој во окото, или робинката своја во окото, и ги ослепи, да ги пушти на слобода заради окото;

27или, ако му скрши заб на робот свој, или на робинката своја, да ги пушти на слобода заради забот.

28Ако вол убоде маж или жена, па умре, волот да се отепа со камења и месото од него да не се јаде; но господарот на волот нема да биде виновен.

29Но, ако волот бил и порано бодлив, а господарот негов знаел за тоа и не го пазел, па убие маж или жена, волот да се убие со камења, а и господарот негов да се предаде на смрт.

30Ако, пак, му се наложи откуп за животот свој, нека плати откуп, колку што ќе му се определи.

31Син ли прободе или ќерка, со него да се постапи според истиот закон.

32Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет шекели сребро, а волот да се убие со камења.

33Ако некој открие јама, или пак ископа јама и не ја покрие, и падне во неа јунец или магаре,

34сопственикот на јамата треба да ги плати; на господарот ќе му даде сребро, а трупот ќе биде негов.

35Кога нечиј вол смртно убоде вол на друг човек, и тој умре, тогаш да го продадат живиот вол и парите да ги поделат, а исто така да го поделат и убиениот вол;

36ако, пак, се знаело од порано дека волот бил бодлив, а стопанинот негов не го пазел, да даде вол за вол, а убиениот нека му остане нему.“

37„Ако некој украде вол или овца и ја заколе, или ја продаде, да даде пет вола за еден вол и четири овци за една овца.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Exodus 21.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.