Exodus 142006

1И Господ му рече на Мојсеј, велејќи:

2„Кажи им на синовите израелски да свртат и да се улогорат пред Пи-Хахирот и меѓу Мигдол и морето, пред Ваал-Цефон. Спроти него улогорете се крај морето.

3И така фараонот ќе рече за синовите израелски: ‚Заскитале во таа земја, пустината ги затворила.‘

4А Јас ќе направам да се ожесточи срцето на фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над фараонот и над сета негова војска. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ.“ Тие така и направија.

5А кога му соопштија на египетскиот цар дека народот избегал, се измени срцето на фараонот и слугите негови спрема народот, па рекоа: „Што направивме, па ги пуштивме синовите израелски, та да не ни работат повеќе?“

6И ја впрегна фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе;

7зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше египетски коли, со нивните началници.

8А Господ направи, та се ожесточи срцето на фараонот, царот египетски, и тргна во потера по синовите израелски; но синовите на Израел врвеа под силна рака.

9И се впуштија по нив Египќаните, и сите коњи фараонови со колите, и коњаниците и сета војска негова, и ги најдоа крај морето, во близина на Пи-Хахирот, спроти Ваал-Цефон.

10А кога наближи фараонот, се обѕрнаа синовите израелски, и што ќе видат: ете, Египќаните идат по нив! И синовите израелски се уплашија многу, па извикаа кон Господ,

11и му рекоа на Мојсеј: „Зар немаше гробови во Египет, туку нѐ изведе овде да изгинеме во пустината? Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет?

12Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‚Остави нѐ, да им служиме на Египќаните?‘ Зашто подобро ќе ни беше да им робуваме на Египќаните, отколку да изгинеме во пустинава.“

13А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египќаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека.

14Господ ќе се бори за вас, а вие бидете спокојни.“

15И Господ му рече на Мојсеј: „Зо­што викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват.

16А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво.

17Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на сите Египќани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови.

18И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.“

19И се крена ангел Господов, кој одеше пред војската израелска, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив.

20А кога влезе меѓу војската египет­ска и војската израелска, застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите.

21И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбранува мо­рето со источен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во морето суво и водата се раздели.

22И појдоа синовите израелски среде море по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата стра­на.

23А Египќаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи фараонови, колите и коњаниците негови.

24А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од огнениот столб и од облакот и ја доведе во забуна војската египетска,

25па им ги врза тркалата на колите нивни, та одвај ги влечеа. Тогаш Егип­ќаните рекоа: „Да бегаме од Израел­ците, зашто Господ се бори за нив против Египќаните!“

26Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египќаните, врз колите нивни и врз коњаниците нивни.“

27И Мојсеј ја испружи раката своја над морето, и пред зори водата пак се поврати на своето место, а Египќаните тргнаа да бегаат наспроти водата; и Господ ги потопи Египќаните среде море.

28Кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска фараонова, што беше тргнала по нив во морето; и не остана ниеден од нив.

29Синовите, пак, израелски минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.

30И ги избави Господ Израелците во тој ден од рацете на Египќаните. И ги видоа синовите израелски Египќаните што изумреа на морскиот брег.

31Ја виде Израел големата сила, што Господ ја покажа над Египќаните, и народот се уплаши од Господ, и поверува во Бога и на слугата негов Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Exodus 14.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.