1И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,
2во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието,
3меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот.
4Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака,
5иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христос
6и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус,
7за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус.
8Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас — туку дар Божји!
9Не е од дела, за да не се пофали некој.
10Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив.
11Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце,
12дека во она време бевте без Христос, отстранети од општеството на Израел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот;
13но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова.
14Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив,
15откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир,
16и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе.
17И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски,
18зашто преку него и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден Дух.
19И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство,
20зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос,
21врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ;
22врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.