1Кој е како мудриот, и кој го разбира значењето на работите? Мудроста на човек му го просветлува лицето негово, и строгоста на лицето негово се изменува.
2Јас (велам): пази го царскиот збор, и тоа — поради клетвата пред Бога.
3Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, сѐ може да направи.
4Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: „Што правиш?“
5Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба;
6зашто за секоја работа има свое време и свој суд; а за човекот е голема несреќа,
7што не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа; а кој ќе му каже?
8Ниеден човек нема власт над духот, за да го задржи духот, и нема власт над смртниот ден — нема избавување од таа работа; ниту безбожникот ќе го спасат неговите лоши дела.
9Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши на земјата. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета.
10Видов тогаш како погребуваат безбожни; од нив беше преполн храмот. Во Ерусалим го беа заборавиле нивното безбожно однесување. И тоа е суета!
11Бидејќи не се врши суд над лошите работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло.
12Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам дека ќе им биде добро само на оние, што имаат страв од Бога, кои со почит стојат пред лицето Негово;
13а за безбожниот нема да има добро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога.
14Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на безбожниците, а со безбожните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета!
15И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот на земјата од тоа да јаде, да пие и да се весели; тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог на земјата.
16Кога го насочив срцето свое кон тоа, да постигнам мудрост и да ги разгледам работите, што се вршат на земјата, и поради кои на човекот не му доаѓа сон ни дење ни ноќе, —
17тогаш ги видов сите дела Божји и разбрав дека човекот не може да ги сфати работите, што се вршат на земјата. Колку и да се труди човекот да ги проучува, пак нема да го постигне тоа. Дури и мудрец тоа не може да го открие, иако мисли дека знае.