Ecclesiastes 10
1 Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест.
2 Срцето на мудриот се наклонува кон десно, а срцето на глупавиот — кон лево.
3 По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига разум, и пред секого тој ќе се покажува дека е неразумен.
4 Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кроткоста спречува големи грешки.
5 Има зло што сум го видел на земјата, како грешка што доаѓа од владетелот;
6 неразумниот се поставува на голема височина, а богатите седат ниско.
7 Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги.
8 Кој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне.
9 Кој крева камења, може да се шине, и кој цепи дрва, може да се изложи на опасност од нив.
10 Ако отапи секирата, и ако сечилото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа да го поправи.
11 Ако змијата касне пред да биде убиена, тогаш каква е ползата за оној што ќе ја убие.
12 Зборовите од уста на мудрец се благодат, а устата на безумниот самиот него го погубува:
13 првите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова — лошо безумие.
14 Глупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него?
15 Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот.
16 Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои уште од рано се гоштеваат!
17 Блазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување!
18 Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе.
19 Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сѐ прави среброто.
20 Дури и во мислите свои не навредувај го царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небесната птица може да го пренесе твојот збор, и сѐ што има крилја ќе го соопшти твојот збор.