Deuteronomy 5
1 Тогаш Мојсеј го свика сиот израелски народ и му рече: „Слушај ги, израелски народе, наредбите и законите што ти ги кажувам денес во ушите твои, научи ги и труди се да ги исполнуваш.
2 Господ, нашиот Бог, склучи со нас завет на Хорив.
3 Тој завет Господ не го склучи со нашите татковци, туку со нас, кои сме сега тука сите живи.
4 Лице в лице ви говореше Господ вам на планината од огнот:
5 јас, пак, стоев меѓу Господ и меѓу вас во тоа време, за да ви ги пренесувам зборовите Господови, бидејќи вие се плашевте од огнот и не излеговте на планината. Тој тогаш рече:
6 ‚Јас сум Господ, твојот Бог, Кој те изведов од египетската земја, од домот на ропството;
7 да немаш други богови освен Мене!
8 Не прави идоли и никакви ликови на она, што е на небото горе, и што е на земјата долу, и што е во водите под земјата,
9 не им се поклонувај и не им служи; зашто Јас сум Господ, Бог твој, Бог ревнител, кој, за гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено,
10 и Кој покажува милост до илјадници поколенија кон оние, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.
11 Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го остави неказнет оној, кој го употребува Неговото име напразно!
12 Пази го саботниот ден, за да ти биде свет, како што ти заповедал Господ, твојот Бог;
13 шест дена работи и врши ги сите работи,
14 а седмиот ден е сабота на Господ, твојот Бог: не врши никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни робот твој, ни робинката твоја, ни волот твој, ни магарето твое, ниту друг твој добиток, ниту дојденецот што е кај тебе, за да си почине робот твој и робинката твоја, како и ти.
15 И запомни дека ти беше роб во египетската земја, но Господ, твојот Бог, те изведе оттаму со силна и долга рака; затоа и ти заповеда Господ, твојот Бог, да го почитуваш саботниот ден.
16 Почитувај ги и твојот татко и твојата мајка, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја, што ти ја дава Господ, твојот Бог.
17 Не убивај!
18 Не врши прељуба!
19 Не кради!
20 Не сведочи лажно против ближниот свој!
21 Не ја пожелувај жената на ближниот свој и не го пожелувај домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ниту робот негов, ниту робинката негова, ниту волот негов, ниту магарето негово, ниту нешто друго, кое му припаѓа на ближниот твој!‘
22 Тие зборови ги изрече Господ громогласно кон целото ваше собрание на планината од огнот, облакот и мракот, и повеќе не говореше, и ги напиша на две камени плочи и ми ги предаде.
23 И кога го чувте гласот од мракот, и планината гореше во оган, вие се приближивте до мене, сите началници на вашите племиња и старешините ваши,
24 говорејќи: ‚Ете, ни ја покажа Господ, нашиот Бог, славата Своја и величината Своја, и го чувме гласот Негов од огнот; денес видовме дека Господ му говореше на човек, и тој остана жив.
25 А зошто сега да умреме? Бидејќи тој голем оган ќе не изгори; ако пак го чуеме гласот на Господ, нашиот Бог, ќе умреме;
26 кое е тоа човечко суштество што го чуло, како ние, гласот на живиот Бог, Кој говореше од огнот, а да останало живо?
27 Пристапи ти и слушни сѐ, што ќе ти каже Господ, нашиот Бог, и раскажи ни сѐ, што ќе ти говори Господ, нашиот Бог, а ние ќе послушаме и така ќе правиме.‘
28 И Господ ги чу вашите зборови, како разговаравте со мене, и ми рече Господ: ‚Ги чув зборовите на твојот народ, кој ти говореше; сѐ што рекоа, е добро.
29 О, да имаа тие такво срце, та да се плашеа од Мене и да ги слушаа сите заповеди Мои во сите денови, тогаш ќе им беше добро ним и на синовите нивни во веки!‘
30 Оди и кажи им: ‚Вратете се во домовите ваши!‘
31 а ти остани тука со Мене, и Јас ќе ти ги кажам сите заповеди, наредби и закони, на кои треба да ги научиш, за да постапуваат така во онаа земја, што им ја давам во наследство.“
32 Гледајте да постапувате така, како што ви заповеда Господ, вашиот Бог, не скршнувајте ни десно, ни лево;
33 одете по патот, по кој ви заповеда Господ, вашиот Бог, за да бидете живи и да ви биде добро и да поживеете долго време во онаа земја, што ќе ја добиете во наследство.