Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Deuteronomy 4

:
Macedonian - 2006
1 И така, Израеле, послушај ги наредбите и законите, на кои јас ве учам да ги исполнувате, за да бидете живи и да отидете и да ја наследите онаа земја, која Господ, Бог на вашите предци, ви ја дава;
2 не додавајте ни збор повеќе на она што ви го заповедам, ниту да одземате од него; исполнувајте ги заповедите на Господ, вашиот Бог, кои јас ви ги предавам;
3 очите ваши видоа сѐ, што Господ, направи со Ваал-Фегор; зашто Господ, Бог наш, го истреби од средината твоја секој, што го следеше Ваал-Фегор;
4 а вие, кои сте Му приврзани на Гос­под, вашиот Бог, сите сте живи до ден денес.
5 Ете, ви ги изнесов наредбите и за­коните, што ми ги предаде Господ, Бог мој, за да постапувате така во земјата, во која влегувате, за да ја завладеете.
6 И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и ва­шиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе чујат за сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ.
7 Зашто има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил тол­ку, како што е близок кон нас Гос­под, нашиот Бог, кога и да Го пови­ка­ме?
8 И има ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес?
9 Само пази се и грижливо чувај ја душата своја, за да не ги заборавиш делата, што ги видоа твоите очи, и тие да не излегуваат од срцето твое, во сите денови на твојот живот, и да продолжат така и синовите твои, и синовите на твоите синови.
10 Во оној ден, кога стоевте пред Господ, вашиот Бог, кај Хорив, и кога ми рече Господ: „Собери го при Мене народот, за да му ги кажам Моите зборови, од кои ќе научат да се плашат од Мене во сите денови на својот земен живот и да ги научат синовите свои.“
11 Вие се доближивте и застанавте во подножјето на планината, а планината гореше во оган до самото небо; и имаше темнина, облаци и мрак.
12 И Господ ви говореше од средината на огнот; гласот на зборовите го чувте, но образ не видовте, туку чувте само глас.
13 И Тој ви го објави Својот завет, и ви заповеда да ги исполнувате Десетте заповеди и ги напиша на две камени плочи.
14 Тогаш Господ ми заповеда да ве научам на наредбите и законите, за да ги исполнувате во земјата во која влегувате, да ја завладеете.
15 Бидете цврсто убедени во душите свои дека не видовте никаков лик во оној ден, кога Господ ви говореше, на Хорив од средината на огнот.
16 За да не се огрешите, правејќи си вајан лик, образ на идол во вид на маж или жена,
17 лик на некое животно што е на земјата, лик на некоја перната птица, која лета под небото,
18 лик на каква било гадинка што пол­зи по земјата, лик на секаков вид риба, која е во водата под површината на земјата;
19 и да не се соблазниш ти, кога ќе погледнеш кон небото и ќе го видиш сонцето, месечината и ѕвездите и сето воинство небеско, та да им се поклониш и да им послужиш, зашто Господ, твојот Бог, ги определил за сите народи под небото.
20 А вас, пак, Господ ве зеде и ве из­веде од железната печка, од Египет, та да бидете народ Негов, како што сте тоа денес.
21 И се разгневи Господ Бог на мене поради вас и се заколна дека нема да го минам Јордан и нема да влезам во онаа убава земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.
22 Јас ќе умрам во оваа земја, и нема да го минам Јордан, додека вие ќе ми­нете и ќе ја заземете таа убава земја.
23 Гледајте, да не го заборавите заветот на Господ, вашиот Бог, што Тој го склучи со вас, и да не си правите ни­какви идоли образи на што и да било, како што ти заповеда Господ, твојот Бог;
24 бидејќи Господ твојот Бог, е оган, што гори, Бог ревнител.
25 Ако, пак, ти се родат синови и внуци, и, откако ќе поживеете долго на земјата, ќе почнете да вршите беззаконија и направите каков-годе резан лик, со тоа ќе направите зло пред очите на Господ, вашиот Бог, и така ќе Го разгневите.
26 Денес, еве, ги повикувам за сведоци небото и земјата дека наскоро ќе ја из­губите оваа земја, во која одите да ја наследите од онаа страна на Јордан; нема да останете во неа долго, ами ќе загинете.
27 И ќе ве распрсне Господ меѓу народите, и ќе станете малубројни меѓу на­ро­дите, кај кои ќе ве одведе Господ;
28 и таму ќе им служите на нивните богови, што рака човечка ги направила од дрво и од камен, кои не гледаат и не слушаат, не јадат, и не мирисаат.
29 Но таму кога ќе Го побарате Гос­пода, вашиот Бог, ќе Го најдете, ако Го побарате од сѐ срце и со целата своја душа.
30 Кога ќе западнеш во тага, и кога сето тоа со време ќе те снајде, ти ќе Му се обратиш на Господ, твојот Бог, и ќе го чуеш Неговиот глас.
31 Господ, твојот Бог, е Бог милосрден; Тој нема да те остави, нема да те погуби и нема да го заборави заветот со твоите предци, кој со заклетва им го потврдил.
32 Зашто, запрашај се за поранешните времиња, што беа пред тебе, од оној ден, кога Бог го создаде човекот на земјата, и од едниот крај на небото до другиот; имало ли нешто такво како ова големо дело, или се чуло ли за слично на него?
33 Го чул ли некој народ некогаш гласот на Бога, Кој говори од оган, како што ти чу, и остана жив?
34 Зар се обидел некој бог да си земе народ од друг народ преку порази, знаменија и чуда, преку војна, и со силна испружена рака, со големи ужаси, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред твоите очи?
35 Тебе ти е дадено да го видиш тоа, за да разбереш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него.
36 Тој ти дозволи од небото да го чуеш гласот Негов, за да те научи, а на земјата ти го покажа Својот голем оган, и ти ги слушаше зборовите Негови од огнот;
37 бидејќи Тој ги засака твоите предци и ве избра вас, потомците нивни по нив, и те изведе Сам со големата сила Своја од Египет,
38 за да ги порази од пред тебе народите што беа поголеми и посилни од тебе, па да те воведе и да ти ја даде земјата нивна во наследство, која сега ја имаш.
39 И така, знај сега и вразуми се, зашто Господ, твојот Бог, е Бог на небото горе и на земјата долу, и нема друг освен Него;
40 и пази ги наредбите Негови и заповедите Негови, кои денес ти ги давам, за да биде добро за тебе и за твоите потомци по тебе и да останеш долго во таа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш.
41 Тогаш Мојсеј оддели три града од онаа страна на Јордан, откај изгревот на сонцето,
42 за да избега таму убиец, кој не сакајќи ќе убие свој ближен, а да не му бил непријател ни вчера, ниту завчера, и, откако ќе избега во еден од тие градови, да остане жив.
43 Тоа беа Бецер во пустината, во рамнината населена од племето Руви­мово, и Рамот во Галаад, наследство Гадово, и Голан во Башан, земја на племето Манасиево.
44 Ова е законот што Мојсеј им го предложи на синовите израелски;
45 ова се заповедите, наредбите и законите, кои Мојсеј им ги кажа на синовите на Израел откако беа излегле од Египет,
46 од онаа страна на Јордан, во долината спроти Бет-Пеор, во земјата на аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон, и кого Мојсеј го разби со синовите на Израел, откако беа изле­зени од Египет.
47 И ја освоија земјата негова и земјата на башанскиот цар Ог, обајцата цареви на земјата аморејска, која е од онаа страна на Јордан, откај изгревот на сонцето:
48 од Ароер, кој е на брегот од потокот Арнон, до планината Сион, т.е. до Ермон;
49 и целата рамнина од онаа страна на Јордан кон исток, до Мртвото Море, во подножјето на планината Фазга.