1И се свртевме оттаму и појдовме кон Башан, и башанскиот цар Ог излезе во борба против нас со целиот свој народ, кај Едреи.
2И ми рече Господ: „Не плаши се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во раката твоја него, и целиот народ негов, и целата земја негова; и ти ќе направиш со него така, како што направи со аморејскиот цар Сихон, кој живееше во Есевон.“
3И Господ, Бог наш, ни го предаде во рацете наши и Ог, царот башански, и целиот народ негов; и го разбивме, така што од него не остана никој жив.
4Тогаш му ги презедовме сите градови негови, па не остана град, што не бевме го презеле од нив: шеесет градови, целата област Аргов во царството на Ог Башански.
5Сите тие градови беа утврдени со високи ѕидови, порти и довратници, без да го сметаме големиот број села.
6И ние ги ставивме под клетва, како што направивме со Сихон, царот хешбонски, уништувајќи ги сите градови заедно со мажите, жените и децата;
7а целиот добиток и пленот од градовите го разграбавме.
8И во тоа време ја презедовме од рацете на двајцата цареви аморејски земјата од оваа страна на Јордан, од потокот Арнон па сѐ до планината Ермон;
9Сидончаните го викаат Ермон Сирјон, а Аморејците го нарекуваат Сенир.
10Сите градови во рамнината, целиот Галаад и целиот Башан до Салеха и Едреи, беа градови од царството на Ог Башански;
11зашто башанскиот цар Ог беше единствен преживеан од Рефаимците. Ете, неговиот мртовечки сандак сѐ уште може да се види во Рава, главен град на Амонците: железен одар — долг девет лакти, а широк четири лакти, машки лакти.
12И тогаш ја добивме во наследство таа земја, почнувајќи од Ароер, кој е кај потокот Арнон; а половината од планината Галаад со нејзините градови му ја предадов на Рувимовото и на Гадовото племе.
13Остатокот, пак, од Галаад и целиот Башан, царството на Ог, му го предадовме на половината од Манасиевото племе: целата област Аргов, со цел Башан. Таа земја се нарече Рефаимска.
14Јаир, Манасиевиот потомок, ја презеде целата област Аргов, дури до пределите Гесуриски, и Маахатски, и ги нарече тие башански места Јаирови села, според своето име, како што се викаат тие и до ден денес.
15На Махир му го дадов Галаад;
16а на племето Рувимово и Гадово им дадов од Галаад дури до потокот Арнон, земјата меѓу потокот и пределот до потокот Јавок, граница на Амоновите потомци;
17западната, пак, граница оди по долината на Јордан, помеѓу Генисаретското Езеро и Мртвото Море, до источното подножје на Фазга.
18Тогаш и ви заповедав, велејќи: „Господ, Бог ваш, ви ја даде таа земја во владение; сите способни за војна, откако ќе се вооружите, појдете пред браќата ваши, синовите на Израел;
19само жените ваши, децата ваши и добитокот ваш, нека останат во градовите ваши, што ви ги дадов,
20додека Господ не им даде спокојство на вашите браќа, како и вам, и додека тие не ја наследат таа земја, која Господ, Бог ваш, им ја дава од онаа страна на Јордан; тогаш вратете се секој во своето наследство, што ви го дадов.“
21А на Исус му заповедав во она време, велејќи: „Очите твои видоа сѐ, што Господ, Бог ваш, им направи на тие двајца цареви; исто ќе направи Господ и со сите царства, преку кои ќе минуваш.
22Не плашете се од нив, зашто Господ, Бог наш, Сам се бори за нас.“
23И Му се помолив на Господ во она време, велејќи:
24„Господи, Боже, Ти почна да го покажуваш на слугата Свој величието Свое и силата Своја; па има ли некој бог на небото или на земјата, кој би можел да прави такви дела, како Твоите, и со таква моќ, каква што е Твојата?
25Дај ми да минам и да ја видам онаа прекрасна земја преку Јордан, тие убави планински предели и Ливан.“
26Но Господ ме презре заради вас и не ме послуша, и ми рече Господ: „Доста, во иднина да не ми говориш повеќе за тоа;
27искачи се на врвот од Фазга и крени ги очите кон морето и кон север, кон југ и кон исток; погледни со очите, зашто нема да го минеш Јордан;
28дај му совет на Исус, поткрепи го и охрабри го; зашто тој ќе го предводи овој народ и тој ќе им го раздели наследството во таа земја, на која ти ќе погледнеш.“
29И останавме во долината спроти Бет-Пеор.