Deuteronomy 32
1 Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша земјата зборовите од устата моја.
2 Да се разлее како дожд поуката моја, како роса да падне говорот мој: како ситен дожд на зеленило, како пороен дожд на трева.
3 Името Господово ќе го прославувам; воздајте Му слава на нашиот Бог!
4 Тој е тврдина; совршени се делата Негови, а патиштата Негови — праведни; Бог е верен и нема неправда во Него; Тој е праведен и вистинит;
5 но тие станаа и згрешија пред Него; тоа не се Негови чеда поради пороците нивни; род дрзок и развратен.
6 Тоа ли Му го возвраќате на Господ, народе глупав и безумен? Нели е Тој твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна?
7 Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татко си — и тој ќе ти каже, старците свои — и тие ќе ти речат.
8 Кога Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги раселуваше синовите човечки, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на синовите израелски,
9 зашто делот на Господ е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово добиено со ждрепка.
10 Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое;
11 како што орелот бдее над гнездото свое, летајќи над своите орлиња, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на перјата свои,
12 така Господ Самиот го водеше, и немаше со Него туѓ бог.
13 Тој го искачи на височините земни, го заситуваше со полски плодови и го хранеше со мед од камен и масло од тврда карпа;
14 со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од јагниња, со башански овни и козли, со најдобро жито и со најдобро вино.
15 И стана дебел Јешурун, дебел и тврдоглав: се згои, се здебели и прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, отстапи од Бога, Спасителот свој.
16 Со туѓи богови Го раздразнија и со одвратностите Го разгневија:
17 им принесуваа жртва на злите духови, а не на Бога; на боговите, што не ги познаваа, на боговите нови и непознати, кои предците ваши не ги знаеја.
18 А покровителот, кој те родил, ти Го остави, и Бога, Кој те создал, Го заборави.
19 И Господ виде, па се разгневи и ги отфрли синовите Свои и ќерките Свои,
20 и рече: „Ќе го свртам лицето Свое од нив и ќе го видам крајот нивни: бидејќи тие се развратен род, синови, во кои нема верност;
21 со лажни богови ја предизвикаа Мојата ревност, со идоли тие Ме разгневија, и јас ќе ја повредам нивната гордост со безвредни луѓе, со ништо и никаков народ Јас ќе ги разгневам;
22 зашто оган се разгори од јароста Моја; продира тој сѐ до пеколот вечен, ја јаде земјата и плодовите нејзини, основите планински ги фрла во оган;
23 ќе испратам врз нив големи несреќи, стрелите Свои против нив ќе ги насочам:
24 од глад исцрпени, молњи ќе ги ништат и болести смртоносни, против нив ќе испратам ѕверски заби и отров од влекачи земни;
25 надвор од меч ќе умираат, а во домовите нивни — од ужас. Смрт ќе поразува момче и девојка, побелен старец и доенче мало.
26 Јас реков: во прав ќе ги сторам, споменот за нив меѓу луѓето, Јас ќе го збришам;
27 само се плашев од злобата непријателска; да не се излажат противниците негови, па да кажат: ‚Победата е наша; не е тоа од Господовата рака направено!‘
28 Зашто се сој безрасуден, народ без ум.
29 Само малку ум да имаа, лесно ќе ја сфатеа иднината своја;
30 ‚Како би можел еден да гони илјада и двајца — десет илјади, ако нивниот Бог не би ги предал, и Господ не би ги дал!
31 Зашто нивните богови не се како нашиот Бог; непријателите наши се осудени.‘
32 Зашто лозјето им е од содомска лоза, и од полињата гоморски; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи;
33 отров змиски е нивното вино, од аспида отров погубен.
34 Не е ли сето тоа сокриено во Мене? Не е ли запечатено во Моите сокровишта?
35 Моја е одмаздата и моја наградата, кога ќе им се затресе ногата нивна, зашто денот на загинувањето нивно е блиску, брзо ќе настапи подготвеното за нив.
36 Но Господ ќе го оправда Својот народ, и ќе се смили над слугите Свои, кога ќе ги види ослабени, беспомошни и изнемоштени.
37 И ќе рече тогаш Господ: ‚Каде се боговите нивни, каде е карпата зад која се засолнуваа?
38 Каде се оние кои јадеа лој од жртвите нивни и кои пиеја вино од преливите за нив? Камо да воскреснат, па да ви помогнат и да ви бидат заштита?
39 И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и нема друг Бог, освен Мене: Јас уништувам и Јас оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и нема таков кој може да избави од раката Моја.
40 Ја кренав кон небото раката Своја и велам: — жив сум довека!
41 Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на оние што Ме мразат;
42 ќе ги напојам стрелите Свои со крв, и мечот Мој ќе се насити со месо, со крвта од убиените и заробените, од главите на непријателските кнезови.‘
43 Величајте го, незнабошци народот негов! Зашто Тој ќе се одмазди за крвта на слугите Свои, ќе им се одмазди на непријателите Свои, и ќе ја очисти земјата Своја и народот Свој!“
44 И се приближи Мојсеј до народот и ги кажа гласно сите зборови од оваа песна пред народот, тој и Осија, синот Навинов.
45 Откако Мојсеј ги кажа сите тие зборови пред целиот Израел,
46 им рече: „Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и порачајте им на децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон;
47 зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот, и преку нив ќе живеете долго време на земјата, за која одите преку Јордан да ја освоите.“
48 И во истиот тој ден му зборуваше Господ на Мојсеј и му рече:
49 „Искачи се на планината Аварим, тоа е планината Нево, во моавската земја, спроти Ерихон, и погледни ја хананската земја, што им ја давам на синовите израелски во владение;
50 и умри на планината, на која ќе се искачиш и прибери се при народот свој, како што умре братот твој Арон, на планината Ор, и се прибра при народот свој,
51 затоа што згрешивте против Мене пред очите на синовите израелски кај водите Мерива во Кадис, во пустината Син, зашто не ја почитавте светоста Моја меѓу синовите на Израел;
52 ти само ќе ја видиш земјата, но нема да влезеш таму, — во земјата, што им ја давам на синовите израелски.“