Deuteronomy 31
1 Уште им кажа Мојсеј на сите синови израелски,
2 велејќи: „Сега сум на сто и дваесет години; не можам веќе да излегувам и да влегувам, и Господ ми рече: ‚ти нема да го минеш Јордан,
3 Господ, твојот Бог, Сам ќе тргне пред тебе; Тој ќе ги истреби тие народи пред тебе, и ти ќе ги наследиш; Исус ќе тргне пред тебе, како што рече Господ;‘
4 и ќе постапи Господ со нив така како што постапи со Сихон и со Ог, цареви аморејски, и со земјите нивни, кои Тој ги уништи;
5 и ќе ви ги предаде Господ, и вие ќе постапите со нив според заповедите, што ви ги дадов.
6 Бидете цврсти и храбри, не плашете се и не ужасувајте се од нив, зашто Господ, твојот Бог, Самиот ќе тргне пред вас, и нема да отстапи од тебе и нема да те остави.“
7 Тогаш Мојсеј го повика Исус и пред сите Израелци му кажа: „Биди цврст и храбар, зашто ти ќе влезеш со овој народ во земјата, за која Господ им се заколна на предците ваши дека ќе им ја даде; и ти ќе им ја разделиш на делови.
8 И Господ ќе тргне Самиот со тебе, Самиот ќе биде со тебе, нема да отстапи од тебе и нема да те остави: не плаши се и не ужасувај се.“
9 И ги напиша Мојсеј овие заповеди од законот и им ги предаде на свештениците, потомци Левиеви, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, и на сите старешини израелски.
10 И им завешта Мојсеј, велејќи: „По седум години, во прошталната година, на празникот Сеници,
11 кога целиот Израел ќе дојде да се јави пред Господ, твојот Бог, на место што ќе го одбере Тој, прочитајте го гласно овој закон пред целиот народ;
12 собери го народот — мажите, жените, децата и дојденците, што се наоѓаат во градовите ваши, за да чујат и да се научат да се плашат од Господ, вашиот Бог, и да се трудат да ги исполнуваат сите заповеди од овој закон;
13 и синовите нивни, кои не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се плашат од Господ, вашиот Бог, преку сите денови, додека живеете во земјата, за која ќе го минете Јордан, за да ја наследите.“
14 И му рече Господ на Мојсеј: „Ете, твоите денови се приближија до смртта; повикај го Исус, и дојдете во скинијата на собранието, и Јас ќе му дадам заповед!“ И дојде Мојсеј со Исус, и застана во скинијата на собранието.
15 И се јави во скинијата Господ во облаков столб, и застана облаковиот столб при влезот од скинијата.
16 И му рече Господ на Мојсеј: „Ете, ти ќе се прибереш кај предците свои, а овој народ ќе почне да се заблудува по туѓите богови на онаа земја, во која оди, ќе Ме остави и ќе го наруши заветот Мој, што го воспоставив со нив;
17 и ќе се разгори јароста Моја против него во овој ден, а Јас ќе ги оставам и ќе го сокријам лицето Свое од нив, и тој ќе биде истребен, и ќе го снајдат многу несреќи и жалости, и ќе речат во тој ден: ‚бидејќи не е Господ Бог меѓу нас, нѐ снајдоа овие зла.‘
18 А Јас ќе го сокријам лицето Мое во оној ден поради сите негови беззаконија, што ќе ги направи, бидејќи ќе се обрати кон туѓи богови.
19 А сега, напишете ја оваа песна, научете ги синовите израелски на неа и ставете им ја во устата нивна, за да Ми биде таа песна сведоштво меѓу синовите на Израел;
20 зашто Јас ќе ги воведам во земја, каде што тече мед и млеко, како што им се заколнав на предците; тие ќе јадат и ќе се наситат, ќе се здебелат и ќе се обратат кон туѓи богови и ќе им служат, а Мене ќе ме разгневат и ќе го нарушат заветот Мој;
21 и кога ќе ги снајдат многу несреќи и жалости, таа песна ќе биде против нив како сведоштво, бидејќи таа нема да излезе од устата на потомството нивно. Јас ги знам мислите нивни, што ги имаат, сега, уште пред да ги воведам во земјата, за која им се заколнав.“
22 И во оној ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи синовите израелски на неа.
23 И му заповеда Господ на Исус, синот Навинов, и му рече: „Биди цврст и храбар, зашто ти ќе ги воведеш синовите на Израел во земјата, за која им се заколнав. Јас ќе бидам со тебе.“
24 А кога Мојсеј ги напиша во книга сите зборови од овој закон сѐ до крајот,
25 им заповеда на левитите, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, велејќи:
26 „Земете ја оваа книга на законот и ставете ја покрај ковчегот на заветот на Господ, вашиот Бог; и таа ќе биде таму сведоштво против тебе;
27 зашто јас ја знам твојата упорност и твојата тврдоглавост; ете и сега, кога живеам со вас, вие сте упорни пред Господ; а колку повеќе по смртта моја?
28 Соберете ги кај мене сите ваши началници на племињата, и надзорниците свои, и јас ќе им ги кажам гласно овие зборови, а сведоци ќе ми бидат небото и земјата.
29 Зашто знам дека по смртта моја вие ќе вршите беззаконија и ќе отстапите од патот, што ви го заповедав, и подоцна ќе ве снајдат незгоди, затоа што ќе правите зло пред Господ, разгневувајќи Го со делата на рацете ваши.“
30 И Мојсеј ги кажа гласно пред целото израелско општество зборовите на таа песна до крај.