Deuteronomy 33
1 Ова е благословот, со кој Мојсеј, човекот Божји, ги благослови синовите на Израел пред својата смрт.
2 И рече: „Господ дојде од Синај, им се јави во Сеир, заблеска од планината Фаран и пристигна со илјадници светии; а во десницата Негова огнен закон за нив.
3 Сепак, Ти го сакаш Својот народ и сите светии се во раката Твоја, и тие паднаа пред Твоите нозе, за да ги слушнат зборовите Твои.
4 Закон ни даде Мојсеј, наследство на народот од Јаков.
5 И тој беше цар на Јешурун кога се собираа народните кнезови, заедно се соединија израелските племиња.
6 Да живее Рувим и да не умира, па макар и да е малуброен!“
7 А за Јуда го кажа ова: „Чуј го, Господи, гласот на Јуда и доведи го кај народот негов; да се заштити со рацете свои, а Ти биди му помошник против непријателите негови.“
8 И за Левиј рече: „Твојот ‚тумим‘ и Твојот ‚урим‘ се на светиот маж Твој, кого што Ти го искушуваше во Маса,
9 кој рече за татко си и за мајка си: ‚јас не ги видов‘, и браќата свои не ги признава, и синовите свои не ги познава, бидејќи тие, ги почитуваат зборовите Твои и го пазат заветот Твој,
10 го учат Јаков на законите твои, и Израел на Твоите заповеди, ставаат темјан пред лицето Твое и сепаленици на жртвеникот Твој;
11 благослови ја, Господи, силата негова и прими ги делата на рацете негови, порази ги бедрата на непријателите негови, што стануваат против него и кои го мразат, за да не можат да се подигнат.“
12 За Венијамин рече: „Кого Господ го сака, тој живее во Него со радост, Бог го заштитува секогаш, и тој почива врз рамената Негови.“
13 За Јосиф рече: „Нека ја благослови Господ земјата негова со многу сакани дарови небески, со роса и со дарови од бездната, што лежи долу,
14 со најдоброто што доаѓа од сонцето и со најдоброто што го донесува месечината,
15 со дарови од старите планини и со дарови од вечните ридови,
16 и со најдоброто од тоа што ја исполнува земјата, и благословот на Оној што се јави од капината да слезе врз главата на Јосиф, врз темето на избраниот меѓу браќата;
17 цврстината му е како на првородено теле, и роговите му се како роговите на бивол; со нив ќе ги избоде сите народи до крајот на земјата: тоа се десетиците илјади Ефремови, тоа се илјадниците Манасиеви.“
18 На Завулон му рече: „Весели се, Завулоне, во своите патишта, и ти Исахаре, под шаторите твои;
19 вие го свикувате народот на планината, таму ќе принесете жртви според законот на правдата, бидејќи богатството на морето ќе ве храни, и сокровиштето сокриено во песокот.“
20 За Гад рече: „Благословен нека е кој ќе го прошири Гад; тој почива како лав, готов да ја раскине жртвата своја од пети до глава;
21 тој си ги присвои првините од освоеното, што му го додели Законодавецот; тој оди во првите редови на народот, извршувајќи го светото дело Господово и својот долг кон Израел.“
22 За Дан рече: „Дан е млад лав, кој скокна од Башан.“
23 За Нефталим рече: „Нефталим е презаситен со пријатности, па нека се засити и со благослов од Господ; Западот и Југот ќе ги наследи.“
24 За Асир рече: „Благословен меѓу синовите ќе биде Асир, тој ќе биде омилен меѓу браќата свои и во масло ќе ја натопи ногата своја.
25 Од железо и од бакар се твоите резиња;
26 Нема друг Бог како твојот Бог, Јешуруне! Кој се пронесува по небото, тебе на помош, и со великолепие на облаците.
27 Единиот Бог е твое прибежиште, а вечните Негови раце се твоја поткрепа. Тој го прогонува непријателот пред тебе и ти вели: ‚истребувај!‘
28 Израел живее во спокој, потомците на Јаков се сместија во засолниште, во земја изобилна со жито и вино, каде небото праќа роса.
29 Блажен си ти, Израеле! Кој е како тебе, народ пазен од Господ, Кој ти е штит — закрилник и меч на славата твоја? Твоите непријатели ќе бараат милост од тебе, а ти ќе ја газиш гордоста нивна.“