Deuteronomy 29
1 Тогаш Мојсеј ги повика сите синови израелски и им кажа: „Вие видовте сѐ, што направи Господ пред очите ваши во египетската земја со фараонот и со сите негови слуги и со целата негова земја;
2 имаше искушенија големи, што ги видоа очите твои, и големи знаменија и чуда,
3 но и до ден денес Господ не ви даде срце за да разберете, очи да видите и уши да чуете.
4 Четириесет години ве водев по пустината, и облеката не изветве на вас, и обувките не се искинаа на нозете ваши;
5 леб не јадевте, вино и друг алкохолен пијалак не пиевте, за да познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.
6 И кога дојдовте до ова место, излезе во борба против вас хешбонскиот цар Сихон и башанскиот цар Ог, но ние ги поразивме
7 и им ја зедовме земјата нивна и им ја дадовме во дел на Рувимовото и Гадовото колено, и на половината од Манасиевото племе.
8 Пазете ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги, за да имате успех во сѐ, што правите.
9 Сите вие стоите денес пред Господ, вашиот Бог: началниците на племињата ваши, старешините ваши, надзорниците ваши, сите Израелци,
10 децата ваши, жените ваши и дојденците, кои се во вашата населба, од дрварот ваш до водоносецот ваш,
11 за да влезете во завет со Господ, вашиот Бог, и во клетвен договор со Него, каков што Господ, твојот Бог, денес склучува со тебе,
12 за да те направи денес Свој народ, и да ти биде Бог, како што им се заколна на предците твои Авраам, Исак и Јаков.
13 Не само со вас единствено го заветувам овој завет и овој клетвен договор,
14 туку, како со оние што денес се со нас, така и со оние што денес не стојат овде со нас пред Господ, нашиот Бог.
15 Зашто вие знаете, како живеевме во египетската земја и како одевме сред народите, низ кои минавте,
16 и ги видовте одвратностите нивни и идолите нивни, дрвени и камени, сребрени и златни, што се кај нив.
17 Да нема меѓу вас маж или жена, род или племе, чие срце би се отстранило од Господ, вашиот Бог, та да оди да им служи на боговите на оние народи; да нема меѓу вас корен, што ќе дава пелин и отров;
18 и ако некој, кој, откако ќе ги чуе зборовите на оваа клетва, се пофали во срцето свое и каже: ‚добро ќе ми биде, иако одам по желбите на срцето свое‘, и ако завлече со себе и други во идолопоклонство,
19 на таков Господ нема да му прости, но гневот и ревноста на Господ ќе се разгорат веднаш против тој човек, а врз него ќе падне целата клетва од овој завет, напишана во оваа книга, и Господ ќе го избрише името негово под небото;
20 и ќе го оддели Господ од сите племиња израелски за погубување, според сите клетви на заветот, напишани во оваа книга на законот.
21 Тогаш подоцнежното поколение, децата ваши што ќе настанат по вас, и туѓинецот, што ќе дојде од далечна земја, откако ќе ги видат поразиите на таа земја и болестите што Господ ги испратил врз неа, ќе речат:
22 сулфур, сол и пожариште е целата земја; на неа не може да се сее, ниту ќе роди, ниту ќе никне на неа некаква трева, како што стана во Содом, Гомора, Адма и Цевоим, кои Господ ги уништи во гневот Свој и јароста Своја.
23 Тогаш ќе кажат сите народи: ‚Зошто Господ постапил така со таа земја? Колку е голема јароста на гневот Негов!‘
24 И ќе одговорат: ‚Затоа што го оставија заветот на Господ, Бог на предците свои, што го воспостави со нив, кога ги изведе од египетската земја,
25 и отидоа да им служат на други богови и да им се поклонуваат ним, кои тие не ги знаеја, и кои Тој не им ги беше определил.
26 Поради тоа се разгори гневот на Господ врз таа земја, и Тој ги испрати врз неа сите клетви, напишани во оваа книга;
27 и ги сотре Господ од земјата нивна во гнев, јарост и голема лутина, и ги исфрли на друга земја, како што денес гледаме.‘
28 Она што е тајно, Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно — нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон.“