Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Deuteronomy 28

:
Macedonian - 2006
1 Ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, ги пазиш и ги извршуваш сите Негови заповеди, што денес ти ги заповедам, тогаш Господ, твојот Бог, ќе те постави погоре од сите народи на земјава;
2 и ќе се пренесат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог.
3 Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето.
4 Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој, и плодот на воловите твои, и плодот на овците твои.
5 Благословени ќе бидат кошниците твои и ноќвите твои.
6 Благословен ќе бидеш, кога влегуваш, и благословен кога излегуваш.
7 Господ ќе ги порази пред тебе непријателите твои, кои се креваат против тебе; по еден пат ќе навлезат тие против тебе, а по седум патишта ќе избегаат од пред тебе.
8 Господ ќе ти испрати благослови на твоите житници и на секоја работа на твоите раце; и на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава.
9 Господ, ќе те постави за Свој свет народ, како што ти се беше заколнал на тебе, ако ги извршуваш заповедите на Господ, твојот Бог, и одиш по патиш­тата Негови.
10 И тогаш ќе видат сите народи на земјата дека името на Господ, ти е дадено на тебе, и ќе се уплашат од тебе.
11 И Господ, ќе ти даде изобилство во сите блага, во плодот на твојата утроба, во плодот на добитокот твој и во плодот на нивите твои на земјата, за која Господ им се беше заколнал на твоите предци дека ќе ти ја даде.
12 И Господ ќе ти го отвори доброто Свое сокровиште небото, за да дава тоа на време дожд на земјата твоја и да ги благословува сите работи на рацете твои: и ќе им даваш на заем на многу народи, а ти самиот нема да земаш на заем.
13 Господ, ќе те направи глава, а не опашка, и да бидеш само на високо, а не на ниско, ако ги пазиш заповедите на Господ, твојот Бог, што ти ги заповедам денес да ги почитуваш и исполнуваш,
14 и ако не отстапуваш од сите збо­рови, што ти ги заповедам денес, ни надесно, ни налево, и ако не тргнеш по други богови за да им служиш.
15 Ако, пак, не го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, и не ги пазиш и не ги исполнуваш сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес, ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства.
16 Проклет ќе бидеш во градот и проклет ќе бидеш во полето.
17 Проклети ќе бидат твоите кошници и твоите ноќви.
18 Проклет ќе биде плодот на утробата твоја и плодот на земјата твоја, плодот на говедата твои и плодот на овците твои.
19 Проклет ќе бидеш, кога влегуваш, и проклет кога излегуваш.
20 Ќе ти испрати тогаш Господ неволја, ужас и застрашување во секоја работа на рацете твои, каква и да вршиш, додека не те истреби и додека наскоро не те погуби поради твоите лоши дела, зашто си Ме оставил.
21 Господ ќе испрати тогаш врз тебе и помор, додека не те истреби од земјата, во која одиш да ја наследиш.
22 Ќе те порази Господ со истош­ту­вање, со треска, воспаление, жед и жол­тица, и тие ќе те гонат додека не заги­неш.
23 И небото над главата твоја ќе стане бакар, а земјата под тебе железо;
24 наместо дожд Господ ќе ѝ даде на земјата твоја пепел, и прав од небото ќе паѓа: ќе паѓа врз тебе, додека не те истреби.
25 Ќе те предаде Господ на непријателите твои, за да те поразат; по еден пат ќе излезеш против нив, а по седум патишта ќе бегаш од нив; и ќе бидеш расеан по сите земни царства.
26 Твоите трупови ќе станат храна на сите птици небески и на ѕверовите, и не ќе има кој да ги истера.
27 Ќе те порази Господ со египетска лепра, гноен чир, краста и јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш.
28 Ќе те порази Господ со лудило, сле­пило и вртоглавица.
29 И ќе одиш дење со пипање, како што оди слепиот со пипање во темнината, и патот твој нема да биде прав, и тогаш ќе бидеш секогаш навредуван и ограбуван, и не ќе има кој да ти по­могне.
30 Ќе земеш жена, и друг ќе спие со неа; куќа ќе изградиш, и нема да жи­вееш во неа; лозје ќе насадиш и нема да го береш.
31 Твојот вол пред тебе ќе го заколат, и нема да јадеш од него, магарето ќе ти го грабнат, и нема да ти го вратат; овците твои ќе бидат дадени на непријателите твои и ќе нема кој да ти помогне.
32 Синовите твои и ќерките твои ќе бидат предадени на друг народ; очите твои ќе гледаат и ќе чезнеат по нив, и нема да имаш сила во рацете свои.
33 Плодовите на земјата твоја и целиот труд твој ќе го јаде народ, кого ти не го познаваш: и ќе бидеш навредуван и измачуван преку сите денови.
34 Ќе бидеш избезумен од тоа, што ќе го гледаат очите твои.
35 И ќе те порази Господ со лоша проказа, во колената и во нозете, од која не ќе можеш да се излекуваш, од стапалата на нозете твои и дури до темето на главата твоја.
36 Господ ќе те одведе тебе и царот твој, кој си го избрал, кај народ, кого не си го познавал ниту ти, ниту предците твои, и таму ќе служиш на други богови, направени од дрво и од камен;
37 и ќе станеш таму предмет на озборување и исмејување кај сите народи, кај кои Господ ќе те одведе.
38 Многу семе ќе фрлаш во нивата, а малку ќе собираш, зашто ќе го јадат скакулци.
39 Лозја ќе садиш и ќе ги работиш, но вино нема да пиеш и нема да го береш плодот негов, зашто црв ќе го јаде.
40 Маслини ќе имаш во сите твои предели, но со масло нема да се помажеш, бидејќи маслинките твои ќе опаѓаат.
41 Синови и ќерки ќе родиш, но тие нема да останат кај тебе, зашто во плен ќе отидат.
42 Сите твои дрвја и сите плодови на земјата твоја гламја ќе ги уништи.
43 Дојденецот, кој е кај тебе, ќе се издига над тебе сѐ повисоко, а ти ќе паѓаш сѐ пониско;
44 тој ќе ти дава на заем, а ти нема да му даваш на заем; тој ќе биде главата, а ти ќе бидеш опашката.
45 Ќе дојдат врз тебе сите овие клетви, ќе те гонат и ќе те стигнат, додека не те уништат, затоа што не го послуша гласот на Господ, твојот Бог, и не ги послуша заповедите и наредбите Него­ви, што ти ги беше заповедал;
46 тие ќе бидат врз тебе и твоето потомство знак и чудо довека.
47 Зашто ти не Му служеше на Господ, твојот Бог, со весело и радосно срце, поради изобилството во сѐ,
48 ти ќе му служиш на непријателот свој, што ќе ти го испрати Господ, во глад и жед, во голотија и во секаква скудност; тој ќе ти става на вратот железен јарем, додека не те уништи.
49 Ќе испрати Господ против тебе на­род оддалеку, од крајот на земјата; како орел ќе се спушти народот чиј јазик ти не го разбираш,
50 народ бездушен, кој не сака ни ста­ро да почитува, ниту младо да помилува,
51 и ќе го јаде тој плодот од добитокот твој и плодот од земјата твоја; нема да ти остави ни жито, ни вино, ни масло, ниту од говедата твои, ниту од овците твои, додека не те погуби;
52 и ќе те притеснува во сите твои градови, додека не ги разруши во твојата земја твоите високи и јаки ѕидови, на кои ти се надеваш; и ќе ти нанесе зло во сите твои градови во целата твоја земја, која Господ, твојот Бог, ти ја даде.
53 И ти ќе го јадеш плодот на утробата своја, плотта на синовите и ќерките свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги даде, поради опсадата и теснотијата, во која ќе те стави непријателот твој.
54 Мекушавиот маж навикнат да жи­вее во раскош, со безмилосно око ќе гледа на братот свој, на саканата жена и на другите деца свои што ќе му оста­нат,
55 и нема да му даде на ниеден од нив плот од децата свои, кои тој ќе ги јаде, зашто нема да му остане ништо друго поради опсадата и притеснетоста, во кои ќе те постават непријателите твои во сите твои градови.
56 Жена најчувствителна и најнежна меѓу вас, која поради својата нежност никогаш со нога не стапнала на земја, со безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја,
57 и нема да им го даде последокот, што излегува меѓу бедрата нејзини, ни децата, што би ги родила; зашто, при скудноста во сѐ, таа ќе ги јаде тајно, во притеснетоста во која ќе те стави непријателот твој во твоите градови.
58 Ако не ги пазиш и исполнуваш сите зборови од законот, напишани во оваа книга, и не се плашиш од славното и страшно име на Господ, твојот Бог,
59 Господ ќе те порази тебе и твоето потомство со необични порази, со порази големи и трајни, и со болести лоши и неизлечиви;
60 и ќе ги навлече врз тебе сите лоши болести египетски, од кои се плашеше, и тие ќе се залепат за тебе;
61 и секаква болест и секаква проказа, во книгата на овој закон, Господ ќе испрати врз тебе, додека не те истреби;
62 и ќе останете на број малкумина, а не како кога бевте многубројни колку и ѕвездите небески, бидејќи не го слушавте гласот на Господ, вашиот Бог.
63 И како што Господ се радуваше, кога ви правеше добро и ве размножу­ваше, така ќе се радува Господ, кога ќе ве погубува и истребува, и ќе бидете изгонети од земјата, во која одиш ти, за да ја наследиш.
64 И ќе те расее Господ, по сите народи, од крајот на земјата до крајот на земјата, и таму ќе им служиш на други богови, што не си ги знаел, ниту ти, ниту предците твои; на дрво и на камен ќе служиш.
65 Но и меѓу тие народи нема да се успокоиш, ниту ќе има место за одмор на нозете твои; и таму Господ ќе го исплаши срцето твое, ќе го ништи видот на очите твои и ќе направи да страда душата твоја;
66 животот твој ќе виси пред тебе, и ќе се плашиш и дење и ноќе, и нема да бидеш сигурен за животот свој;
67 од стравот во срцето свое ќе се плашиш, и од тоа што ќе го видат очите твои, па наутро ќе кажеш: „О, што поскоро да се стемни!“, а навечер ќе велиш: „О, што поскоро да осамне!“
68 И Господ ќе те врати во Египет на кораби по оној пат, за кој ти кажав: „Ти нема повеќе да го видиш“; и таму ќе бидете продавани на непријателите свои како робови и робинки, но ќе нема кој да ве купи.
69 Тоа се зборовите на заветот, што Господ му заповеда на Мојсеј да го склучи со синовите на Израел во моав­ската земја, покрај заветот што Господ го склучи со нив на Хорив.