Deuteronomy 26
1 Кога ќе дојдеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава како наследство да ја запоседнеш,
2 земи ги првините од плодовите на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, стави ги во кошница, и оди на она место, кое Господ, твојот Бог, ќе го одбере, за живеалиште на името Негово;
3 потоа оди кај свештеникот, кој е на служба во тие денови и кажи му: „Денес изјавувам пред Господ, твојот Бог, дека влегов во земјата, за која Господ им се заколна на предците наши дека ќе ни ја даде.“
4 Свештеникот да ја земе кошницата од раката твоја и да ја стави пред жртвеникот на Господ, твојот Бог.
5 Ти, пак, одговори и кажи пред Господ, твојот Бог: „Мојот предок беше Арамеец скиталец и отиде во Египет и се насели таму со мал број луѓе, и од него произлезе таму голем народ — силен и многуброен.
6 И Египќаните постапуваа лошо со нас, нѐ притеснуваа и ни наложуваа тешка работа;
7 тогаш ние завикавме кон Господ, Бог на нашите предци, и Господ го чу нашиот повик, и ја виде бедата наша, маките наши и неволјите наши;
8 и нѐ изведе Господ од Египет: со силна рака, со голем ужас, со знаменија и чуда,
9 па нѐ доведе на ова место и ни ја даде оваа земја — земја во која тече мед и млеко.
10 И така, ете, ги донесов првините од плодовите на земјата, која Ти, Господи, ми ја даде, земјата.“ Стави го тоа пред Господ, твојот Бог, поклони се пред Господ, твојот Бог,
11 па развесели се потоа за сите добра, што Господ, твојот Бог, ти ги даде тебе и на домот твој — ти и левитот и придојдениот, што е кај тебе.
12 Кога ќе ги одделиш сите десетоци од плодовите во третата година, годината на десетоците, и им дадеш на левитот, на дојденецот, на сиракот и на вдовицата, за да јадат во градовите твои и да се наситуваат,
13 тогаш кажи пред Господ, твојот Бог: „Изнасобравме сѐ, што е свето во домот, и го дадов на левитот, придојдениот, сиракот и вдовицата, според сите Твои заповеди, како што ми заповеда: јас не направив престап спрема Твоите заповеди и не ги заборавив;
14 во тагата не јадев од нив, ниту одделив од нив за нечиста потреба, ниту дадов од нив за умрено; го послушав гласот на Господ, мојот Бог — исполнив сѐ како што ми заповеда Ти.
15 Погледни од небото од Твојот свет храм и благослови го народот Свој Израел и земјата што ни ја даде, како што им се заколна на прадедовците наши, земјата, во која тече мед и млеко.“
16 Денес Господ, твојот Бог, ти заповеда да ги извршуваш овие наредби и закони: пази ги и исполнувај ги со сето свое срце и со сета своја душа.
17 Денес си Му ветил на Господ, дека ќе биде твој Бог, дека ќе одиш по Неговите патишта и ќе ги почитуваш наредбите Негови и ќе го слушаш гласот Негов;
18 и Господ ве избра денес вие да Му бидете Негов избран народ, како што ти рече ако ги почитувате сите заповеди Негови,
19 и дека Тој ќе те постави погоре од сите народи, што ги создал: прочуен, фален, славен, и дека вие ќе Му бидете свет народ на Господ, вашиот Бог, како што беше ветил.