Deuteronomy 20
1 Кога ќе излезеш во војна против непријателите твои и ќе видиш коњи и бојни коли, и многу луѓе, повеќе од тебе, не плаши се од нив, бидејќи Господ, твојот Бог, Кој те изведе од египетската земја, е со тебе.
2 Кога, пак, претстои борба, свештеникот нека се приближи и нека му зборува на народот,
3 и да му каже: „Слушај, Израеле, вие денес влегувате во бој против вашите непријатели: да не ослабува срцето ваше, не плашете се, не збунувајте се и нека не ве фати паника од нив,
4 бидејќи Господ, вашиот Бог, оди со вас, за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.“
5 Надзорниците, пак, нека му речат на народот, и нека му кажат: „Кој изградил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и да се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да се всели во неа;
6 и кој насадил лозје и не го берел, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да собере сѐ;
7 и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да ја земе свршеницата негова.“
8 Надзорниците нека му кажат уште на народот и нека му речат: „Кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце.“
9 Откако надзорниците ќе му го кажат тоа на народот, да изберат воени началници за да го водат народот.
10 Кога ќе се приближиш до некој град, за да го преземеш, предложи му мир.
11 Ако се согласи на мир со тебе и ти ги отвори портите, целиот народ што се наоѓа во него, ќе ти плаќа данок и ќе ти работи.
12 Ако, пак, не се согласи на мир со тебе, и почне да војува против тебе, опколи го;
13 и, кога Господ, твојот Бог, ќе го предаде во рацете твои, погуби со сечилото на мечот сѐ што е машко кај него;
14 само жените и децата, добитокот и сѐ што има во градот, запленете го за себе и користи се со пленот на непријателите свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги предал.
15 Така постапи со сите градови, што се многу далеку од тебе, а кои не се градови на тие народи.
16 Но во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш земјата нивна, не оставај ни една жива душа,
17 туку предај ги на проклетство: Хитијците, Аморејците, Хананците, Перизијците, Евејците и Јевусијците, како што ти беше заповедал Господ, твојот Бог,
18 за да не ве научат да правите такви гнасотии, какви што тие правеле за своите богови, за да не грешите и вие пред Господ, вашиот Бог.
19 Кога опсадуваш долго време некој град, за да го преземеш и завладееш, не сечи ги дрвјата негови, што се во шумата, туку користи ги плодовите нивни за храна, и не опустошувај ја околината, бидејќи дрвото во полето не е човек, за да избега од тебе во тврдината;
20 само оние дрвја, за кои знаеш дека не даваат никакви плодови, можеш да ги сечеш и од нив да правиш опсадни направи за градот, кој војува со тебе, сѐ додека не го покориш.