Deuteronomy 19
1 Кога Господ, твојот Бог, ќе ги уништи народите, чија земја ти ја дава Господ, твојот Бог, и ја наследиш по нив, и се населиш во градовите нивни, и со куќите нивни,
2 тогаш оддели три града во земјата своја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство;
3 изгради си пат и раздели ја на три дела сета земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство; тие да служат за засолниште на секој убиец.
4 А еве кој убиец може да се засолни таму и да остане жив: оној што ќе убие ближен свој без умисла, и да не му бил непријател порано;
5 оној што ќе отиде со другарот свој во шума да собира дрва, па ја замавне секирата со рака, за да пресече дрво, и испадне сечилото од дршката, го погоди другарот негов, и тој умре, — таков нека се засолни во еден од тие градови, за да остане жив,
6 за да не го подгони одмаздникот за крв со разјарено срце убиецот и да го стигне, па, ако патот биде долг, и го убие, иако тој не смее да се осуди на смрт, бидејќи не му бил непријател порано;
7 затоа и ти заповедав, велејќи ти: оддели си три града.
8 Кога пак Господ, твојот Бог, ќе ги прошири твоите предели, како што се беше заколнал на предците твои, и ти ја даде сета земја, што им ја беше ветил на предците твои,
9 ако се трудиш да ги исполнуваш сите овие заповеди, што денес ти ги заповедам: да Го сакаш Господа, твојот Бог, и да одиш по Неговите патишта во сите денови, — тогаш кон тие три града додај уште три града,
10 за да не се пролева невина крв во земјата твоја, што ти ја дава Господ, твојот Бог во наследство и за да не бидеш обвинет поради крв.
11 Но ако има некој човек кој е непријател на ближниот свој и го начека, па се нафрли на него и го истепа така, што тој умре, и избега во еден од оние градови,
12 старешините на тој град да испратат, да го земат оттаму и да го предадат во рацете на одмаздникот за крв и да умре.
13 Да не го поштеди окото твое: очисти ја крвта на невиниот од Израел, и ќе ти биде добро.
14 Не ја преместувај меѓата на ближниот свој, поставена од прадедовците твои во твоето наследство, што си го добил во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во владение.
15 Не е доволен еден сведок против човек за каква и да било вина, престап или некој грев, со кој згрешил: при сведочењето на двајца или тројца сведоци се донесува решение.
16 Ако против некого излезе неправеден сведок, обвинувајќи го за престап,
17 и обајцата, кои се судат, нека застанат пред Господ, пред свештениците и пред судиите, што ќе се најдат во тие денови;
18 и судиите нека ги испитаат добро, па ако оној сведок е лажлив сведок и лажно сведочи против братот свој,
19 направете му го она што го беше намислил да му го направи на братот свој: така исчистете го злото од вашата средина.
20 И другите ќе чујат, па ќе се уплашат, и нема во иднина да прават такво зло кај вас.
21 Да не го поштеди окото твое: душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога.