1Не принесувај жртва на Господ, твојот Бог, вол, или овца, кои се повредени, или имаат некаков недостаток, бидејќи тоа е гнасотија пред Господ, твојот Бог.
2Ако се најде кај тебе во еден од градовите твои, што Господ, твојот Бог, ти ги дава, маж или жена, што ќе направи зло пред Господ, твојот Бог, и со тоа го престапи заветот Негов,
3па тргне и почне да им служи на други богови, и им се поклонува ним, или на сонцето, или на месечината, или на сето воинство небеско, што е спротивно на моите заповеди,
4и ти биде соопштено, и ти провериш добро; па, ако тоа е вистина, ако е направена таква гнасотија во Израел,
5изведете го тој маж, или таа жена, што го направиле тоа зло, пред вратата и убијте ги со камења, за да умрат.
6Според сведочењето на двајца или тројца сведоци осудениот на смрт треба да се погуби: не смее да се погубува по сведочењето на само еден сведок;
7прво раката на сведоците треба да падне врз него, за да биде убиен, а потоа рацете на целиот народ; така истребете го злото од вашата средина.
8Ако по некое дело биде тешко за тебе да пресудиш во врска со некое убиство или ранување, и настане несогласие во твојот суд, стани и оди во местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за пребивалиште на името Негово,
9и пријди кај свештениците — левити и кај судијата, кој ќе биде во тие денови; прашај ги, и тие ќе ти кажат, како да пресудиш.
10И постапи, онака како што ќе ти кажат на местото што ќе го одбере Господ, и гледај да извршиш сѐ што ќе ти кажат тие;
11според законот и според пресудата што ќе ја кажат, постапи така и не отстапувај ни десно ни лево од она, што ќе ти го кажат тие.
12А кој ќе постапи дрско, и не ќе го послуша свештеникот, што е таму на служба пред Господ, твојот Бог, или судијата, тој треба да умре. Така исчистете го злото од Израел;
13па целиот народ ќе чуе, и ќе се уплаши, и во иднина нема да постапува дрско.
14Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, и ја освоиш, и се населиш во неа, и речеш: „Ќе си поставам кнез, како другите соседни народи“ —
15постави си кнез, кого Господ, твојот Бог, ќе го избере, постави си кнез од браќата твои; не смееш да поставиш туѓинец, кој не е твој сонародник.
16Но тој да не ги умножува коњите свои и да не праќа луѓе да купуваат во Египет, за да ги умножи коњите свои, бидејќи Господ ви рече: „Не обидувајте се да се вратите веќе по тој пат“;
17и да не ги намножува жените свои, за да не се разврати срцето негово, и да не натрупува сребро и злато прекумерно.
18А кога ќе седне со власт на престолот, нека си направи препис на овој закон од книгата, што се наоѓа кај свештениците левити,
19и нека го држи кај себе и нека го чита во сите денови на неговиот живот, за да се научи да се плаши од Господ, својот Бог, и да ги пази и да ги исполнува сите овие заповеди и наредби;
20за да не се возгордее срцето негово пред неговите браќа, и да не отстапува од законите ни десно, ни лево, за да царува многу години, тој и синовите негови во Израел.