Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Deuteronomy 16

:
Macedonian - 2006
1 Внимавај на месецот авив, за да ја празнуваш Пасхата на Господ, твојот Бог, зашто во тој месец си излегол од Египет, ноќе.
2 И коли Пасха на Господ, твојот Бог, од ситниот и од крупниот твој добиток, на местото, што ќе го одбере Господ, за да се прославува името Негово таму.
3 Не јади со неа леб со квас: седум дена јади со неа бескавасни лебови, лебови на бедата, бидејќи набрзина излеговте од Египет, за да го помните денот на вашиот излез од египетската земја во сите години на својот живот;
4 ништо со квас да нема кај тебе во сите твои предели во текот на седумте дена, и од месото, што си го принел како жртва вечерта на првиот ден, ништо не смее да остане до утрината.
5 Не смееш да колеш Пасха ни во еден од градовите твои, што Господ, твојот Бог ќе ти ги даде:
6 туку само на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за пребивалиште на името Негово, таму коли Пасха навечер, при зајдисонце, во она исто време, во кое си излегол од египетската земја;
7 па испечи и јади на она место што ќе го одбере Господ, твојот Бог, а на вториот ден можеш да се вратиш во домот твој.
8 Шест дена јади бесквасни лебови, а седмиот ден е последен ден од праз­никот на Господ, твојот Бог; не врши во тој ден никаква работа.
9 Изброј седум седмици; почни да ги броиш седумте седмици, откога ќе го ставиш српот на жетвата;
10 тогаш празнувај го празникот Педесетница во чест на Господ, твојот Бог, според она колку што може да даде раката твоја, во зависност од тоа со што те благословил Господ, твојот Бог;
11 и развесели се пред Господ, твојот Бог, ти, синот твој и ќерката твоја, робот твој и робинката твоја, левитот кој е во градовите твои, и дојденецот, сиракот и вдовицата, што се кај тебе, на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за пребивалиште на името Негово;
12 помни дека ти беше роб во египетската земја, и пази ги и исполнувај ги овие наредби.
13 Седум дена празнувај го празникот Сеници, откако ќе ги прибереш плодовите од нивите твои и виното од пресите твои.
14 Па развесели се ти на празникот твој, синот твој и ќерката твоја, робот твој и робинката твоја, левитот и дојденецот, сиракот и вдовицата, кои се во градовите твои;
15 седум дена прославувај Го Господа, твојот Бог, на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, бидејќи ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите плодови твои и во секоја работа на рацете твои и ти само ќе се веселиш.
16 Трипати во годината секое машко треба да се јавува пред Господ, твојот Бог, на местото, што ќе го одбере Тој: на празникот Бесквасници, на праз­ни­кот Педесетница и на празникот Сени­ци; и никој не смее да се јавува пред Господ со празни раце,
17 но секој со дар во раката, според благословот од Господ, твојот Бог, што Тој ти го дал.
18 Во сите твои градови, кои Господ, твојот Бог, ќе ти ги даде, постави си судии и надзорници според племињата свои, за да му судат на народот со праведен суд;
19 не искривувај го законот, не гледај на лице и не земај дарови, бидејќи по­дароците ги заслепуваат очите на муд­рите и ги изопачуваат зборовите на пра­ведните;
20 правдата и само правдата барај ја, за да бидеш жив и да отидеш да ја наследиш земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава.
21 Не посадувај шумичка од какви и да е дрвја покрај жртвеникот на Господ, твојот Бог, што ќе го подигнеш;
22 и не подигнувај статуа во твоите места, бидејќи тоа го мрази Господ, твојот Бог.