Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Deuteronomy 12

:
Macedonian - 2006
1 Ова се наредбите и законите, што сте должни грижливо да ги исполнувате во земјата, која Господ, Бог на предците ваши, ви ја дава во наследство, за сите денови, во кои ќе живеете во неа.
2 Разрушете ги сите места, каде што народите, кои ќе ги покорите, им служеле на боговите свои: по високите планини и височини и под секое разгрането дрво;
3 разурнете ги жртвениците нивни и скршете ги столбовите нивни, изгорете ги со оган Ашерите нивни и здробете ги идолите на боговите нивни; сотрете го и името нивно од тоа место.
4 Да не Му правите такво нешто на Господ, вашиот Бог;
5 но обраќајте се кон она место, кое Господ, Бог ваш, ќе го избере во пределите на племињата ваши, за пребивалиште на името Негово; и таму одете:
6 таму принесувајте ги своите сепаленици, жртвите ваши и десетините ваши, вознесените дарови на вашите раце, заветите ваши, доброволните приноси ваши, и првородените од крупниот и од ситниот ваш добиток:
7 и таму јадете пред Господ, вашиот Бог, и веселете се вие и семејствата ваши за секоја добивка, со која те благословил Господ, твојот Бог.
8 Таму не треба да правите сѐ онака, како што сега овде го правиме, секој, како што му се чини дека е добро;
9 зашто сега уште не сте влегле во местото на спокојот и во наследството, што Господ, вашиот Бог, ви го дава.
10 Но кога ќе го преминете Јордан и ќе се населите во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство, и кога ќе ве успокои од сите непријатели ваши, што ве опкружуваат, и заживеете безбедно,
11 тогаш, во она место, што ќе го одбере Господ, вашиот Бог, за пребивалиште на името Негово, таму принесувајте сѐ, што ви заповедам: сепалениците ваши, жртвите ваши, десетините ваши, и вознесените дарови од ра­цете ваши, и секој ваш избран дар, што ќе Му го ветите на Господ.
12 И веселете се пред Господ, вашиот Бог, вие и синовите ваши, и ќерките ваши, и робовите ваши, и робинките ваши и левитите, кои се во градовите ваши, бидејќи тие немаат дел и наследство со вас.
13 Гледај да не ги принесуваш сепалениците свои на секое место, што ќе го видиш,
14 туку само на она место принесувај ги сепалениците свои, кое Господ, ќе го одбере во едно од твоите племиња, и прави сѐ онака како што ти заповедам.
15 Зашто, кога и да посака душата твоја, можеш да колеш и да јадеш, по благослов од Господ, твојот Бог, месо, што ти го дал Тој, во сите твои живеалишта; нечист и чист може да го јаде тоа како што се јаде срна и елен;
16 само крв не јадете; истурајте ја на земјата како вода.
17 Не треба да го јадеш во твоето живеалиште десетокот од твоето жито, твоето вино и твоето масло, и првородените од крупниот и ситниот добиток, и од доброволните приноси и од вознесените дарови на рацете ваши,
18 но јади го пред Господ, твојот Бог, на она место што го одбрал Господ, твојот Бог: ти и синот твој, и ќерката твоја, и робот твој, и робинката твоја, и левитот, кој е во градовите твои; и развесели се пред Господ, твојот Бог, за секоја твоја придобивка.
19 Внимавај да не го заборавиш левитот за сето време додека си жив на земјата.
20 Кога ќе ги рашири Господ, твојот Бог, пределите твои, како што ти беше ветил, и ти ќе кажеш: „Да јадам месо“, зашто душата твоја ќе посака да јаде месо, тогаш јади месо, колку што ти сака душата твоја.
21 Ако биде далеку од тебе местото, што ќе го избере Господ, твојот Бог, за пребивалиште на името Негово, тогаш коли од крупниот и од ситниот твој добиток, што ти го дал Господ, како што ти заповедав, и јади во градовите твои, колку што ти сака душата;
22 но јади ги така, како што се јаде срна и елен; нечист, како и чист можат да го јадат тоа.
23 Само пази добро, да не се јаде крвта, зашто крвта е душа: не јади ја душата заедно со месото;
24 не јади ја: истурај ја на земјата како вода;
25 не јади ја! Така ќе ти биде добро тебе и на синовите твои по тебе, зашто го правиш тоа што е угодно пред очите на Господ.
26 Само светите дарови твои, какви што ќе ги имаш и заветите твои донесувај ги, и доаѓај на она место, што ќе го одбере Господ.
27 И принесувај ги сепалениците твои: месо и крв, врз жртвеникот на Господ, твојот Бог; крвта, пак, од твоите жртви треба да биде изливана при жртвеникот на Господ, твојот Бог, а месото јади го.
28 Пази и внимавај да ги извршуваш сите тие наредби, што ти ги заповедам, за да ти биде добро на тебе и на твоите синови по тебе довека, ако правиш добро и угодно пред Господ, твојот Бог.
29 Кога Господ, твојот Бог, ќе ги истреби од пред тебе народите, кај кои одиш за да ја наследиш нивната земја, и, откако ја примиш во наследство и се населиш во неа,
30 внимавај да не влезеш во стапица, подражавајќи им на нив, откако ќе бидат истребени пред тебе, и да не ги бараш боговите нивни, велејќи: „Како што служеле тие народи на боговите свои, така ќе правам и јас.“
31 Да не Му правиш така на Господ, твојот Бог; одвратно Му е тоа на Господ што го прават тие на боговите свои, бидејќи тие и синовите свои, и ќерките свои ги горат на оган за своите богови.