Deuteronomy 11
1 И така, сакај Го Господа, твојот Бог, и внимавај — она што го заповедал да го пазиш, — и наредбите Негови, и законите Негови, и заповедите Негови во сите денови.
2 Па потчинете се сега, — бидејќи јас не зборувам со синовите ваши, кои не ги знаат и не ги виделе казните од Господ, вашиот Бог, — Неговото величие — Неговата незапирлива сила;
3 чудата Негови и делата Негови, што ги направи среде Египет со фараонот, царот египетски, и со целата негова земја,
4 и она што го направи Тој со египетската војска, со коњите и колите, што ги потопи Тој во водите на Црвеното Море, кога тие ве гонеа, — и Господ ги уништи засекогаш, —
5 и што направи Тој за вас во пустината, додека не дојдовте на ова место,
6 и што направи Тој со Датан и Авирон, синовите на Елијав, син Рувимов, кога земјата ја отвори устата и пред целиот Израел ги голтна нив и домовите нивни, и куќите нивни и целиот имот што го имаа;
7 зашто вашите очи ги видоа сите тие големи дела на Господ, што Тој ги направи.
8 И така, пазете ги сите заповеди, кои ви ги кажувам денес, за да бидете храбри, па да отидете и да ја наследите земјата, сите кои преминувате, за да ја освоите;
9 и да живеете долго време во онаа земја, за која Господ им се заколна на предците ваши дека ќе им ја даде ним, и на поколенијата нивни, земјата, во која тече мед и млеко.
10 Зашто земјата, во која одиш да ја освоиш, не е како египетската земја, од која излеговте, каде што ти, откако ќе го посееше семето свое, ја напојуваше со нозете свои, како зеленчукова градина.
11 Земјата, пак, во која одите за да ја освоите е земја со планини и долини, и се напојува со вода од небескиот дожд,
12 земја, за која Господ, твојот Бог, се грижи: очите на Господ, твојот Бог, непрестајно се врз неа, од почетокот па сѐ до крајот на годината.
13 Ако ги слушате заповедите што ви ги кажувам денес, ако Го сакаш Господа, твојот Бог, и Му служиш од сето срце твое и од сета душа твоја,
14 Тој ќе ѝ даде на земјата твоја дожд навреме, ран и доцен, и ти ќе го собереш житото свое, виното свое и маслото свое;
15 и ќе му даде трева на полето твое за твојот добиток и ти ќе јадеш и ќе бидеш сит.
16 Но пазете, да не се соблазни срцето ваше, па да пристапите и да им служите на други богови и да им се поклонувате;
17 зашто тогаш ќе се разгори гневот на Господ против вас, и Тој ќе го затвори небото и нема да има дожд, и земјата нема да го даде својот плод; и вие брзо ќе исчезнете од добрата земја, која Господ ви ја дава.
18 И така, ставете ги овие мои зборови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши;
19 учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш;
20 и напишете ги врз гредите од вратите на куќите ваши и на вашите градски порти,
21 за да бидат вашите денови и деновите на вашите деца во онаа земја, за која Господ се заколна дека ќе им ја даде на предците ваши, толку колку што небото ќе биде над земјата.
22 Зашто, ако ги пазите сите тие заповеди, што ви ги кажувам и ги исполнувате, ако Го сакате Господа, вашиот Бог, ако одите по сите Негови патишта и се приврзете кон Него,
23 тогаш Господ ќе ги изгони сите тие народи од пред вас, и вие ќе владеете со народи, што се поголеми и посилни од вас;
24 секое место, на кое ќе стапи ногата ваша, ќе биде ваше: вашите предели ќе бидат од пустината и Ливан, и од реката Еуфрат, дури до морето, кое е на запад.
25 Никој нема да ви се противстави вам: Господ, вашиот Бог, ќе испрати страв и трепет пред вас врз секоја земја, на која ќе стапнете, како што ви говореше Тој.
26 Ете, јас ви давам денес благослов и проклетство;
27 благослов — ако ги послушате заповедите на Господ, вашиот Бог, што ви ги кажувам денес,
28 а проклетство — ако не ги послушате заповедите на Господ, вашиот Бог, и се отстраните од патот, што ви го посочувам денес, и тргнете по други богови, што не ги знаете.
29 Кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во онаа земја во која одиш за да ја освоиш, тогаш искажи благослов од планината Гаризим, а проклетство од планината Евал.
30 Тие се од онаа страна на Јордан, по патот кон зајдисонце, во земјата на Хананците, кои живеат во рамнината, спроти Гилгал, близу до дабјакот Море.
31 Зашто вие го поминувате Јордан, за да отидете да ја освоите земјата, која ви ја дава Господ, вашиот Бог; освојте ја и населете се во неа.
32 И така, настојувајте да ги пазите сите наредби и закони, што ви ги предавам денес.