1Тогаш Господ ми рече: „Исечи две камени плочи, слични на поранешните, и искачи се кај Мене на планината, и направи дрвен ковчег.
2А Јас ќе ги напишам на плочите оние зборови што беа напишани на поранешните плочи, а кои ти ги скрши; и положи ги во ковчегот.“
3И направив ковчег од дрвото шитим, па исеков две камени плочи, како поранешните, и отидов на планината со двете плочи во раце.
4И ги напиша Тој на плочите, како што беше напишано порано; оние десет заповеди, што ви ги кажа Господ на планината среде огнот во денот на собранието, и ми ги предаде Господ.
5Јас се свртев и слегов од планината и ги положив плочите во ковчегот, што го бев направил, за да бидат тие таму, како што ми заповеда Господ.
6Потоа заминаа синовите израелски од изворот на синовите Јаканови кон Мосера; и таму умре Арон и беше погребан, а на местото негово свештеник стана синот негов Елеазар.
7Оттаму отидоа во Гудгода, а од Гудгода во Јатевата, во земјата со водни потоци.
8Тогаш Господ го оддели Левиевото племе, за да го носи ковчегот на заветот Господов, за да стои пред Господ и да Му служи, и да го велича името Негово, како што е тоа и до ден денес;
9поради тоа левитите немаат дел и наследство со браќата свои: Самиот Господ е нивни дел, како што им беше говорел Господ, твојот Бог.
10И престојував на планината, како и порано, четириесет дена и четириесет ноќи; Господ ме послуша и овој пат, и не посака Господ да ве погуби;
11и Господ ми рече: „Стани, тргни на пат пред својот народ; нека отидат и нека ја населат земјата, за која им се заколнав на предците нивни дека ќе им ја дадам.“
12И сега, Израеле, што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се плашиш од Господ, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господ, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа;
13да ги пазиш заповедите на Господ, твојот Бог, и наредбите Негови, кои денес ти ги заповедам, за да ти биде добро.
14Ете, небото и небото над небесата, земјата и сѐ што е на неа, е на Господ, твојот Бог;
15но само предците ваши ги прими Господ и ги засака, и ве избра вас, нивното семе по нив, од сите народи, како што гледаш денес.
16И така, отстранете ја нечистотијата на вашето срце, и немојте да бидете во иднина тврдоглави;
17зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на боговите и Господар на господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не гледа на лице и не зема дарови,
18Кој право суди, на сирак и на вдовица, го сака придојдениот и му дава леб и облека.
19Сакајте го и вие придојдениот, бидејќи и вие самите бевте придојдени во египетската земја.
20Плаши се од Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му, кон Него приврзи се и во Негово име колни се;
21Тој е твојата пофалба, Тој е твојот Бог, Кој поради тебе ги направи оние големи и славни дела, што ги видоа очите твои;
22твоите предци дојдоа во Египет седумдесет души, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен како ѕвездите небески.