Deuteronomy 9
1 Чуј, Израеле: ти денес ќе го минеш Јордан да завладееш народи, поголеми и посилни од вас, градови големи, со тврдини до небеса,
2 луѓе големи, и многубројни, и високи, Анаковите потомци, за кои знаеш и си слушал: „Кој може да им се противстави на Анаковите потомци?“
3 Но сега знај дека Господ, твојот Бог, ќе оди пред тебе како оган, кој гори: Тој ќе ги истреби и ќе ги кутне пред тебе и ти наскоро ќе ги изгониш и ќе ги истребиш, како што ти рече Господ.
4 Кога ќе ги изгони Господ, твојот Бог, пред тебе, немој да речеш во срцето свое: „Заради мојата праведност ме доведе Господ да ја наследам таа земја. Затоа што поради беззаконијата на овие народи Господ ги прогонува од пред тебе.“
5 Не заради праведноста твоја и не заради правината на срцето твое ти одиш да ја наследиш земјата нивна, туку поради бесчестието на тие народи Господ, твојот Бог, ги изгони од пред тебе, и за да го одржи заветот, со кој им се заколна Господ на предците твои: Авраам, Исак и Јаков;
6 затоа знај сега дека не заради праведноста твоја Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш таа добра земја, — бидејќи си тврдоглав народ.
7 Запомни и не заборавај, колку Го разгневивте Господа, вашиот Бог, во пустината: од оној ден, кога излеговте од египетската земја, па сѐ додека пристигнавте на ова место, вие не Му се покоривте на Господ.
8 И кај Хорив вие Го раздразнивте Господа, и се разгневи Господ на вас, така што сакаше да ве истреби.
9 Кога јас се искачив на планината, за да ги примам камените плочи, плочите на заветот, што Господ го беше склучил со вас; тогаш останав на планината четириесет дена и четириесет ноќи, леб не јадев и вода не пиев;
10 и ми ги даде Господ двете камени плочи, напишани со Божји прст, а на нив беа сите зборови, што ви ги изрече Господ на планината среде огнот во денот на собранието.
11 Откако изминаа четириесет дена и четириесет ноќи, Господ ми ги даде двете камени плочи, плочите на заветот,
12 и ми рече Господ: „Стани, оди си поскоро оттука, зашто твојот народ, што го изведе од Египет, се разврати; многу брзо тие отстапија од патот, што им го заповедав; тие си направија леан идол.“
13 И ми рече Господ: „Го гледам тој народ, ете, тоа е тврдоглав народ;
14 остави Ме да ги уништам и да го избришам името нивно од под небото, а од тебе ќе направам народ, посилен и помногуброен од нив.“
15 Јас се свртев и слегов од планината, а планината гореше во оган; двете плочи на заветот беа во обете мои раце;
16 и видов дека вие бевте згрешиле против Господ, вашиот Бог, бевте си направиле излеано теле, и наскоро бевте отстапиле од патот, што ви го беше заповедал Господ;
17 тогаш ги зедов двете плочи, ги фрлив од рацете свои, па ги скршив пред вас.
18 И Му се помолив на Господ, како и порано, и пак четириесет дена и четириесет ноќи леб не јадев и вода не пиев, за сите ваши гревови, со кои згрешивте, зашто извршивте зло пред Господ, и Го разгневивте;
19 бидејќи јас се плашев од гневот и јароста, со која Господ се разгневи на вас и сакаше да ве истреби. Но Господ ме послуша и тогаш.
20 А и на Арон силно се разгневи Господ и сакаше да го погуби; но јас тогаш се молев и за Арон.
21 А гревот ваш, што го направивте — телето, го зедов, го изгорев во оган, го скршив, и го уништив, откако го здробив, така што стана ситен прав, и јас го фрлив тој прав во потокот што течеше од планината.
22 И во Тавера, и во Маса, и во Киврот-Таава вие Го разгневивте Господа.
23 И кога Господ ве прати од Кадис-Барнеа, со зборовите: „Одете и освоете ја земјата, што ви ја давам,“ — вие ѝ се противставивте на заповедта на Господ, вашиот Бог, и не Му поверувавте и не го послушавте гласот Негов.
24 Вие Му бевте непокорни на Господ уште од оној ден, кога ве запознав.
25 И Му се молев на Господ, Го молев четириесет дена и четириесет ноќи, бидејќи Господ сакаше да ве истреби;
26 Му се молев на Господ и реков: „Господи, Господи, не погубувај го Својот народ и Своето наследство, што го избави со големата Твоја сила, што го изведе од Египет со силна рака;
27 спомни Си за Твоите слуги Авраам, Исак и Јаков; не гледај на жестокоста на овој народ, ниту на нечесноста негова, ниту пак на гревовите негови,
28 за да рече оваа земја, од каде што нѐ изведе: — Господ не можеше да ги воведе во земјата, што им ја беше ветил, и од омраза спрема нив ги изведе, за да ги истреби во пустината, —
29 а тоа е Твој народ и Твое наследство, што Ти го изведе со Својата незапирлива сила.“