Amos 7
1 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Тој создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, а тоа беше тревата по царската косидба.
2 И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господи Боже, прости, Те молам; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал.
3 И Господ се сожали на тоа: „Нема да стане тоа“ — рече Господ.
4 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог повика оган за суд — и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата.
5 И реков: Господи Боже, запри те молам: „Како ќе издржи Јаков? Па тој е многу мал.“
6 И Господ се сожали на тоа: „И тоа нема да се збидне“, рече Господ Бог.
7 Вакво видение ми откри Тој: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка.
8 И ми рече Господ: „Што гледаш, Амосе?“ Јас одговорив: „Висулка.“ И Господ рече: „Еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ израелски; нема повеќе да му проштевам.
9 Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата израелски, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.“
10 И Амасија, свештеникот ветилски, порача до израелскиот цар Јеровоам, да му кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израелов; земјата не може да ги трпи зборовите негови,
11 зашто тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израел бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство.
12 И му рече Амасија на Амос: јасновидецу, оди си и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај,
13 а во Ветил не пророкувај веќе, зашто тој е светиња царева и е царски храм.
14 Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви.
15 Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај кај Мојот народ Израел.
16 А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израел и не кажувај зборови против домот Исаков.
17 Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе блудствува по градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерно јаже, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израел ќе биде одведен од земјата своја.