1Вакво видение ми откри Господ Бог: ете, кошница со зрели плодови.
2И ми рече Тој: што гледаш, Амосе? Одговорив: кошница со зрели плодови. Тогаш Господ ми рече: му дојде крајот на Мојот народ Израел — нема повеќе да му проштевам.
3Песните во храмот во оној ден ќе се претворат во плачење, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум.
4Чујте го ова, вие, што газите бедни и уништувате сиромаси,
5вие, кои велите: кога ќе мине новомесечието, за да продаваме жито, и сабота, за да ги отвориме житниците, да ја намалиме мерката, да ја зголемиме цената на шекелот и да измамуваме со лажни мерки,
6да купуваме сиромаси со пари и бедни за чифт сандали, и да продаваме застарено жито.
7Се заколна Господ во гордоста на Јаков: навистина нема никогаш да заборавам ниту едно од делата нивни!
8Нема ли да се затресе земјата од тоа и нема ли да заплаче секој жител на неа? Таа целата ќе се подига како реката Нил и ќе се бранува и ќе се спушта како реката египетска.
9И во оној ден, вели Господ Бог, ќе направам сонцето да зајде напладне и ќе ја помрачам земјата среде бел ден,
10ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни — во плач; ќе ставам вреќишта на сите бедра и ќелавост — на секоја глава, и ќе создадам во земјата плач како за син единец, и крајот ќе ѝ биде како горчлив ден.
11Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови.
12И ќе талкаат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат.
13Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња.
14Оние што се колнат во гревот самарјански и велат: жив е твојот бог, Дане, така да ни е жив и патот за Вирсавија! Тие ќе паднат и веќе нема да се кренат.