1Чујте го ова слово, искажано со плач за вас, доме Израелов.
2Падна, нема повеќе да стане девицата израелска! Фрлена е на земјата своја, и нема кој да ја крене.
3Зашто вака вели Господ Бог: град, од кој излегуваат илјадници, ќе остане само со сто, а од кој излегуваат сто, ќе остане само со десет во домот Израелов.
4Зашто така му вели Господ на домот Израелов: побарејте Ме и ќе бидете живи.
5Не барајте го Ветил, не одете во Гилгал и не патувајте во Вирсавија, зашто сиот Гилгал ќе појде во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо.
6Побарајте Го Господа, и ќе бидете живи, за да не се нафрли Тој против домот Јосифов како оган, што ќе го проголта, и не ќе има кој да го гасне во Ветил.
7О, вие, што го извртувате правосудството во отров и правдата ја фрлате на земја!
8Тој ги создал Плејадите и Орион и ја претвора црната темнина во јасно утро, а денот го прави темен како ноќ, ги извикува морските води и ги разлива по земјата, Јахве е името Негово!
9Тој испраќа пустош врз силните и врз нивните тврдини.
10А тие го мразат оној, кој дели правда пред портите, и се гнасат од оној, кој ја зборува вистината.
11Па така, затоа што го измачувате сиромавиот и земате од него данок во жито, вие ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, само вино од нив нема да пиете.
12Зашто Јас знам колку се многубројни вашите престапи, и колку се тешки вашите гревови; вие сте му непријатели на праведникот, земате поткуп и ги извртувате делата на сиромасите во судот.
13Поради тоа разумниот човек молчи во тоа време, зашто времето е зло.
14Барајте добро, а не зло, за да останете живи — и тогаш Господ Бог Саваот ќе биде со вас, како што велите вие.
15Мразете го злото, сакајте го доброто и поставете правосудство пред портите; можеби, Господ Бог Саваот, ќе се смилува над остатокот Јосифов.
16Затоа вака вели Господ Бог Саваот, Седржителот: по сите ваши плоштади ќе има плач, и по сите ваши улици ќе викаат: Оф, оф! И ќе повикаат земјоделец да жали и искусни за жални песни, да плачат;
17и по сите лозја ќе има плач, зашто Јас ќе минам среде тебе, вели Господ.
18Тешко вам, кои го барате денот Господов! Зошто ви е тој ден Господов? Тој е темнина, а не светлина.
19Тоа е како некој да бега од лав, па да го сретне мечка, или да дојде дома и се потпре со раката на ѕид, па да го касне змија.
20Денот Господов е мрак, а не светлина, тој е мрак, и во него нема виделина.
21Ги мразам и ги отфрлувам празниците ваши и не ги помирисувам жртвите ваши во времето на вашите прослави во собранијата.
22Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња.
23Отстрани ја од мене бучавата на твоите песни, зашто звуците на твојата харфа нема да ги слушам.
24Правдата нека тече како вода, и справедливоста — како силен поток.
25Зар ми принесувавте жртви и дарови во лебови во пустината во текот на четириесетте години, доме Израелов?
26Ќе ги носите Сикут, вашиот цар и Кијун, вашиот бог, ликовите што сами си ги направивте,
27поради што ќе ве прогонувам зад Дамаск, вели Господ, чие име е Бог Саваот.