1Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови на Израел, против целото племе, кое го изведов од земјата египетска, велејќи:
2само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве казнам поради сите ваши беззаконија.
3Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе?
4Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа?
5Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земјата стапица, ако не се фати ништо во неа?
6Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ?
7Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги — пророците.
8Кога ќе зарика лав, кој нема да се исплаши? Господ Бог зборува — кој нема да пророкува?
9Прогласете од тврдините на Ашдод и од покривите на земјата египетска и кажете: соберете се по горите на Самарија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа.
10Тие не знаат да постапуваат справедливо, вели Господ: со насилие и грабеж собираат добра во дворците свои.
11Затоа, вака вели Господ Бог: еве, непријателот ќе ја опколи земјата, одбраната ќе ти ја разбие и дворците твои ќе бидат ограбени.
12Така вели Господ — како што понекогаш пастирот истргнува од лавовска уста две нозе или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израелови, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое.
13Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог Саваот.
14Зашто во оној ден, кога ќе го казнам Израел за престапите негови, ќе го казнам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја.
15Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украси од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ.