1Чедо мое, зајакнувај во благодатта што ти е дадена од Христос Исус,
2и сѐ што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе кои се способни и други да научат.
3Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос.
4Зашто никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач.
5А, ако пак, некој се натпреварува, нема да добие венец доколку не се борел според правилата.
6Земјоделецот што се труди прв треба да вкуси од плодот.
7Размисли што ти зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ!
8Спомнувај си Го Господ Исус Христос од Давидовото семе, Кој воскресна од мртвите, според моето Евангелие,
9поради кое страдам дури до окови, како злосторник. Но словото Божјо не може да се стави во окови.
10Затоа сѐ трпам заради избраните, за да добијат и тие спасение во Христос Исус со вечна слава.
11Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме.
12Ако истраеме, со Него и ќе царуваме. А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас.
13Ако не сме верни, Тој останува верен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече.
14Ова напомнувај го заколнувајќи се пред Господ за да не се препираат, зашто препирките ништо не помагаат, а само им штетат на оние што слушаат.
15Погрижи се пред Бога да се докажеш како работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда словото на вистината.
16А од непристојни и празни зборови бегај, зашто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност.
17И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит,
18кои застранија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе се збиднало, и со тоа им попречуваат во верата на некои.
19Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги познава Господ оние кои се Негови“ и „Да отстапи од неправда секој што го изговара името Господово!“
20Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и глинени; и едните се за почесна употреба, а другите за нечесна.
21И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.
22Одбегнувај ги, исто така, и младешките копнежи, и стреми се кон праведноста, верата, љубовта, мирот со оние што Го повикуваат Господ од чисто срце!
23Глупави и празни расправии избегнувај, знај дека тие породуваат кавги!
24А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, способен да поучува и да поднесува зло,
25со кротост да ги превоспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината,
26и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја.