1Павле, апостол на Исус Христос по волјата Божја, според ветувањето на животот, животот во Христос Исус,
2до Тимотеј, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бог Отецот и од Христос Исус, нашиот Господ!
3Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, додека постојано те споменувам во молитвите свои дење и ноќе;
4сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост,
5спомнувајќи си за нелицемерната вера кај тебе, која најпрвин се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе.
6Поради тоа ти напомнувам да ја распалуваш Божјата дарба, која ја имаш во себе преку полагањето на моите раце.
7Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност.
8И така, не срамувај се од сведочењето за нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, затвореникот за Него, туку стани соучесник во страдањата за Евангелието Христово по силата на Бога,
9Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња,
10а откриена сега со јавувањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспадливоста преку Евангелието,
11за кое сум поставен како проповедник, апостол и учител на незнабошците.
12Затоа и го трпам тоа; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој е моќен мојот залог да го запази за оној ден.
13Имај ги, како пример, здравите зборови што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христос Исус!
14Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!
15Го знаеш тоа дека мене ме напуштија сите во Азија, меѓу кои и Фигел и Ермоген.
16Господ нека му даде милост на домот на Онисифор, зашто многупати ме успокои и не се посрами од моите окови.
17А, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде.
18Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! А колку служеше тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.