1А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање кај Него, ве молам, браќа,
2да не се поколебате лесно во мислите свои и да ве обзема ужас, било поради некој дух, било поради некој збор, или преку послание, небаре како од нас испратено, дека божем веќе настапил Христовиот ден.
3Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта,
4кој се противи и се превознесува над сѐ што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог.
5Не помните ли дека уште кога бев кај вас ви зборував за тоа?
6Сега знаете што го задржа него да се открие во свое време.
7Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено додека не се оттргне оној што ја задржува сега;
8тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ (Исус) ќе го убие со здивот на устата Своја и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби.
9Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса,
10и со секакво неправедно измамување меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле.
11И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата,
12та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата.
13Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господ браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение,
14кон кое ве повика преку нашето Евангелие за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание.
16А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж,
17нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!