1Павле, Силван и Тимотеј до црквата на Солуњаните во Бог Отецот наш и Господ Исус Христос:
2благодат вам и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос!
3Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша необично многу расте, и заемната љубов кај сите вас изобилува,
4така што ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера и покрај сите прогони и маки, што ги поднесувате:
5тоа е доказ за праведниот Божји суд дека вие ќе се удостоите со царството Божјо за кое страдате.
6Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние што ве мачеа,
7а вам, на мачените, да ви возврати спокојство заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила,
8во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието на нашиот Господ Исус Христос.
9Тие со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ,
10кога ќе дојде Тој за да биде прославен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво.
11Затоа и се молиме секогаш за вас да ве удостои нашиот Бог за звањето и да ја исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата,
12та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господ Исус Христос.