1А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува,
2бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време.
3И додека уште велат: „Мир и безбедност!“, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат.
4Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец.
5Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината.
6И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни.
7Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат.
8Ние, пак, како синови на денот, да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта за спасение,
9зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
10Кој умре за нас, та ние да живееме заедно со Него, било кога сме будни, или кога спиеме.
11Поради тоа утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг онака како што и правите!
12И ве молам, браќа, да ги уважувате оние што се трудеа меѓу вас, и ве водат во Господ, и оние кои ве утешуваат.
13И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир меѓу себе!
14Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите.
15Гледајте никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!
16Радувајте се секогаш!
17Молете се постојано!
18Благодарете за сѐ, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас!
19Не гаснете Го Духот!
20Пророштвата не ги омаловажувајте!
21Сѐ испитувајте, за доброто држете се!
22Клонете се од секакво зло!
23А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
24Верен е Оној, Кој ве повикува. Тој и ќе го направи тоа.
25Браќа, молете се за нас!
26Поздравете ги сите браќа со свет целив!
27Ве заколнувам во Господ ова послание да им го прочитате на сите свети браќа.
28Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!