1И така, решив во себе да не доаѓам кај вас со жалост,
2зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил?
3Тоа исто и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме ожалостат оние кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уверен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас.
4Зашто од многу грижи и од тага на срцето ви пишував со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас.
5Ако ли, пак, некој ме ожалости, не ме ожалостил само мене, туку, да не претерам, донекаде и сите вас.
6За таков доволна е казната што ја претрпел од мнозинството;
7така што за вас е подобро да го помилувате и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост;
8затоа ве молам кон него да покажете љубов.
9Затоа и ви напишав, да ве испитам и да дознаам дали сте во сѐ послушни.
10А кому вие ќе му простите нешто, нему ќе му простам и јас; ако сум простил некому нешто, сум му простил поради вас во името на Исус Христос,
11за да не нѐ прелаже сатаната, зашто неговите намисли добро ни се познати.
12Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово, иако вратата ми беше отворена во Господ,
13духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и затоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија.
14Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на Самиот Него.
15Зашто ние сме Му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат;
16на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И за ова кој е способен?
17Зашто ние не сме како мнозина што тргуваат со Божјото име, туку го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христос.