1Павле, апостол на Исус Христос, по волја Божја, и братот Тимотеј, до црквата Божја во Коринт заедно со сите светии по цела Ахаја.
2Благодат и мир од Бог Отецот наш, и Господ Исус Христос!
3Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха.
4Тој нѐ утешува при секоја наша неволја, та и ние да можеме да ги утешиме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нѐ утешува нас самите!
5Зашто, како што изобилуваат Христовите страдања во нас, така изобилува и утехата наша преку Христос.
6Ако сме во неволја, — тоа е за ваша утеха и спасение; ако сме утешени, тоа е за ваша утеха и спасение. Тие стануваат делотворни само кога ги претрпувате истите страдања што ги трпиме и ние;
7а и надежта наша за вас е цврста, знаејќи дека како што учествувавте во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата.
8Браќа, не сакаме да ја затаиме неволјата што нѐ снајде во Азија; дека бевме оптоварени прекумерно, дури преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме.
9Туку сами во себе ја примивме смртната пресуда за да не се надеваме во себе, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите.
10Тој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува. Во Него се надеваме дека и уште ќе нѐ избавува;
11па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас.
12Бидејќи нашата пофалба е оваа: сведоштво на нашата совест дека со простодушност и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живееме на светот, особено, пак, меѓу вас.
13Зашто друго не ви пишуваме, освен она што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разберете,
14како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос.
15И со таа увереност се готвев да дојдам кај вас порано, та повторно да примите благодат,
16и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја.
17Но, сметајќи го ова, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето „Да“ да биде и „Не?“
18Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „Да“ и „Не.“
19Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силван и Тимотеј, не беше „Да“ и „Не“, туку во Него беше „Да“,
20бидејќи сите ветувања Божји во Него се „Да“, и во Него „Амин“, за слава Божја преку нас.
21Бог е Оној Кој нѐ утврди со вас во Христос и нѐ помаза;
22Тој и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши.
23А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега;
24но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме соработници на вашата радост, бидејќи во верата вие сте цврсти.