1Да се фалам, нема полза, но ќе минам кон виденија и откровенија Господови.
2Знам еден човек во Христос, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам, Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо.
3И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело — не знам, Бог знае,
4беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои човек не смее да ги каже.
5Со таков човек ќе се пофалам; но со себе нема да се пофалам, освен со моите слабости.
6А, пак, кога би посакал да се фалам, не би бил безумен, зашто би кажал вистина; но јас се воздржувам, да не би помислил некој за мене повеќе отколку што во мене гледа, или од мене слуша.
7И, за да не се превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, да не се превознесувам.
8Затоа трипати Го молев Господ тоа да го отстрани од мене.
9Но Тој ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила се покажува потполно во слабоста.“ Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова.
10Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.
11Фалејќи се станав безумен! Вие ме принудивте. Вие требаше да ме пофалите, зашто со ништо не сум подолен од надапостолите, иако сум ништо.
12Зашто знаците на апостолите се покажаа меѓу вас во полно трпение, во знаци, чудеса и силни дела.
13По што останавте подолни од другите цркви, освен по она што јас не ви дотежнеав? Простете ми ја таа грешка!
14Еве, по третпат се готвам да дојдам кај вас и пак нема да паднам на ваш товар; зашто јас не го барам вашето, туку вас: децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата.
15А јас на драго срце сѐ ќе жртвувам и ќе се жртвувам себе за вашите души. Иако јас премногу ве љубам, вие многу помалку ме љубите.
16Но нека биде така! Јас не ви додевав; само, бидејќи итар, ве добив на измама.
17Да не сум ве искористил можеби преку оние што ги испраќав кај вас?
18Го замолив Тит, а со него го пратив и еден од браќата. Да не ве исползува можеби Тит во нешто? Не одевме ли со ист дух? Нели по истите стапки?
19Одамна мислите дека пред вас се одбрануваме. Ние зборуваме пред Бога, во Христос, и сето тоа, возљубени, е за ваше изградување.
20Бидејќи се плашам дека можеби, кога ќе дојдам нема да ве најдам такви какви што сакам; а дека и вие нема да ме најдете таков каков што сакате: да не има можеби меѓу вас кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, озборување, горделивост, побуни;
21кога повторно ќе дојдам, да не ме понижи мојот Бог кај вас, и да не треба да оплакувам за мнозина кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамот што ги направиле.