1Јас, Павле, лично ве молам со Христовата благост и кроткост, јас самиот, кој сум понизен, кога сум лично меѓу вас, а смел кога сум далеку од вас,
2ве молам, кога ќе бидам кај вас, да бидете такви што да нема потреба да бидам така смел, каков што мислам да бидам кон некои, кои за нас мислат дека живееме по телото.
3Зашто, иако во тело живееме, телесно не се бориме.
4Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања,
5и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христос;
6и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност.
7На надворешноста ли гледате? Кој е уверен во себе дека е Христов, нека размисли веднаш во себе дека, како што е тој Христов, така сме и ние Христови.
8Бидејќи, кога би се пофалил и малку повеќе со нашата власт, која ни ја даде Господ за вашето изградување, а не за разорување, нема да се посрамам.
9Но никој нека не помисли дека преку посланијата ве заплашувам,
10бидејќи во посланијата свои, ќе рече некој, тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас — слаб; проповедта негова ништо не вреди.
11Таквиот нека знае дека, какви сме во зборовите во посланијата свои, кога отсуствуваме, такви сме и на дело кога присуствуваме.
12Зашто не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои од оние што сами се препорачуваат; тие не разбираат дека се споредуваат сами со себе и се мерат само со себе.
13Ние, пак, не без мерка ќе се пофалиме, туку според правилото на мерката што ни е определена од Бога, за да допреме сѐ до вас.
14Зашто ние не посегаме преку својата мера, како да не сме стигнале до вас, и до вас со Евангелието Христово ние први допревме.
15Не се фалиме безмерно со туѓите напори. А се надеваме дека со растењето на вашата вера меѓу вас и ние, по нашата мерка, ќе пораснеме во изобилие,
16така што и подалеку од вас да го проповедаме Евангелието, а не да се фалиме со готовото во туѓа област.
17„Кој се фали, со Господ да се фали!“
18Зашто, не е признаен оној што самиот себе се препорачува, туку оној кого што Господ го препорачува.