1Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам,
2зашто ја познавам вашата спремност, за која се фалам со вас пред Македонците: „Ахаја приготвила помош уште од лани“; и вашата ревност поттикна мнозина.
3А браќата ги испратив за да не биде напразна нашата пофалба за вас, туку да бидете приготвени, како што тврдев,
4па, ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не останеме посрамени ние — да не речам вие, откако ве пофаливме со таква увереност.
5Затоа сметав дека е потребно да ги замолам браќата да дојдат претходно кај вас и да ја приготват вашата однапред ветена милостина, па да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство.
6Ова, пак, ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее.
7Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава.
8А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело.
9Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна.“
10А Оној Кој му дава на сејачот семе и леб за храна, Тој ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да изобилуваат плодовите на вашата правда,
11па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.
12Бидејќи извршувањето на таа служба не само што ги надополнува потребите на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога;
13и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за вашето покорно исповедање на Евангелието Христово и за штедроста на заедницата со нив и со сите други.
14А тие со молитви за вас копнеат по вас поради преизобилната благодат Божја во вас.
15Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажлив дар!