1По таквите дела и таквата верност дојде Сенахирим, царот асирски, навлезе во Јудеја, ги опседна утврдените градови со намера да ги освои.
2Кога виде Езекија дека Сенахирим дошол со цел да војува против Ерусалим,
3реши со началниците и со своите силни луѓе да ги затвори сите извори на вода надвор од градот; и тие му помогнаа.
4Се собра многу народ и ги затрупаа сите извори и потокот, кој течеше низ земјата, велејќи: зошто кога ќе дојде асирскиот цар, да најде многу вода?
5И се утврди Езекија, ги поправи сите срушени ѕидови и ги издигна до кулата, а надвор изгради друг ѕид, го утврди Мило во Давидовиот град и изработи многу оружје и штитови.
6Постави воени началници над народот и ги собра кај себе на плоштадот кај градските порти, па им говореше од срце, велејќи:
7„Бидете тврди и храбри, не страхувајте и не плашете се од асирскиот цар и од сето множество, кое е со него, зашто со нас има повеќе, отколку со него;
8со него е рака човечка а со нас е Господ, Бог наш, за да ни помага и да се бори во битките наши.“ И народот се охрабри од зборовите на Езекија, царот јудејски.
9Потоа асирскиот цар Сенахирим испрати свои слуги во Ерусалим, — кога тој лично беше во Лакиш, и сета негова сила со него, — до јудејскиот цар Езекија и до сите Јудејци во Ерусалим, да кажат:
10„Вака вели Сенахирим, царот асирски: ‚на што се надевате и седите во Ерусалим опседнати?‘
11Зар Езекија не ве мами, за да ве предаде на смрт од глад и жед, кога ви вели: ‚Господ, Бог наш, ќе нѐ спаси од раката на асирскиот цар?‘
12Зар тој Езекија не ги премавна светилиштата Негови и жртвениците Негови и им рече на Јудејците и на Ерусалим: пред еден жртвеник поклонувајте се и врз него кадете!
13Зар не знаете, што направив јас и предците мои со сите земни народи? Можеа ли боговите на земните народи да ја спасат земјата своја од раката моја?
14Кој од сите богови на народите, што моите предци ги истребија, можеше да го спаси својот народ од раката моја? Ќе може ли и вашиот Бог да ве спаси вас од раката моја?
15А сега, нека не ве мами Езекија и да не ве заведува така; не верувајте му; ако ниту еден бог на ниту еден народ и царство не беше во состојба да го спаси народот свој од раката моја и од раката на предците мои, тогаш и вашиот Бог нема да ве спаси вас од раката моја.“
16И уште многу говореа слугите негови против Господ Бог и против Езекија, Неговиот слуга.
17Тој напиша писмо, во кое Го хулеше Господ, Бог Израелов, и говореше против Него вакви зборови: „Како што боговите на земните народи не ги спасија своите народи од раката моја, така и Езекиевиот Бог нема да го спаси Својот народ од раката моја.“
18И викаа со силен глас на јудејски јазик кон народот во Ерусалим, кој беше по ѕидовите, за да го заплашат и исплашат, та да го преземат градот.
19И говореа за Бога на Ерусалим, како за боговите на земните народи, — дело на човечки раце.
20Тогаш царот Езекија и пророкот Исаија, синот Амоцов, се помолија и кренаа глас кон небото.
21И Господ испрати ангел, кој ги погуби сите јунаци, главниот началник и началниците на војската на асирскиот цар, и тој се врати посрамен во земјата своја. И кога дојде во домот на својот бог, таму го убија со меч оние кои беа излезени од неговите бедра.
22Така го спаси Господ Езекија и ерусалимските жители од раката на асирскиот цар Сенахирим и од рацете на сите, и ги пазеше насекаде.
23Тогаш мнозина почнаа да Му донесуваат дарови на Господ во Ерусалим и скапи работи на јудејскиот цар Езекија. И тој се издигна потоа во очите на сите народи.
24Во тие дни се разболе Езекија до смрт. И Му се помоли на Господ, и Тој послуша и му даде знак.
25Но Езекија не Му благодари за направените му добрини, зашто срцето негово се возгордеа. Затоа гневот Божји падна врз него, врз Јудеја и врз Ерусалим.
26Но штом Езекија се понизи поради горделивоста во срцето негово, — тој и ерусалимските жители, — гневот Господов не падна врз нив во Езекиевите денови.
27Езекија имаше многу големо богатство и слава; си направи ризници за сребро и злато и за скапоцени камења, како и за благопријатни мириси, штитови и секакви скапи садови;
28и одделни простории за земни производи: жито, вино и масло, и трла за секаков добиток и огради за стада.
29Си изгради и градови. А стада од ситен и крупен добиток имаше многу, зашто Бог му беше дал многу голем имот.
30Тој, пак, Езекија, го затвори горниот проток на Гионските води и го насочи удолу, западно од Давидовиот град. И во секоја своја работа Езекија беше успешен.
31Само кај пратениците на вавилонските цареви, што беа испратени до него да прашаат за едно чудо, што се случило на земјата, Господ го остави, за да го испита и да открие сѐ, што му беше во срцето.
32Другите дела на Езекија и неговите добри дела се опишани во видението на пророкот Исаија, синот Амоцов, и во Книгата за царевите јудејски и израелски.
33Почина Езекија кај своите предци, и го погребаа погоре од гробиштата на Давидовите потомци, а по неговата смрт сите Јудејци и жители ерусалимски му укажаа почест. И на негово место се зацари синот негов Манасија.