1Манасија беше на дванаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и пет години.
2Тој го правеше она што не беше угодно пред очите Господови, поведувајќи се по гадотиите на народите, кои Господ ги беше прогонил од лицето на синовите Израелови.
3Изгради пак идолски светилишта, што ги беше урнал таткото негов Езекија, им издигна жртвеници на Вааловци, подигна млади шуми и се поклонуваше на целото небеско воинство и му служеше;
4изгради жртвеници и во Господовиот дом, за кој Господ беше рекол: „Во Ерусалим вечно ќе престојува името Мое.“
5Изгради и жртвеници на целото небеско воинство во двата трема на Господовиот дом.
6Тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Хиномовиот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и повика извикувачи на мртви и волшебници: тој правеше многу лоши работи пред очите на Господ, за да Го разгневи.
7Направи уште и извајан идол и го постави во Господовиот дом, за кој Бог му беше рекол на Давид и на синот негов Соломон: „Во тој дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите племиња израелски, ќе го положам името Свое засекогаш;
8и нема да оставам во иднина да излезе ногата израелска од таа земја, што ја утврдив за нивните предци, само ако тие се потрудат да го прават сѐ она, што сум им го заповедал во целиот закон и наредбите и заповедите, дадени преку раката Мојсеева.“
9Но Манасија ја доведе Јудеја и ерусалимските жители дотаму, што постапуваа полошо и од оние народи, што Господ ги истреби од пред лицето на израелските синови.
10Господ му говореше на Манасија и на луѓето негови, но тие не послушаа.
11Затоа Господ ги испрати против нив военоначалниците на асирскиот цар, кои го оковаа Манасија во окови, го врзаа со вериги и го одведоа во Вавилон.
12И во таа тешка неволја тој почна да Го моли Господа, својот Бог, и длабоко се понизи пред Бога на своите предци.
13Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја чу молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог.
14Потоа тој изгради надворешен ѕид на Давидовиот град, западно од Гион, по долот и до влезот на Рибните Порти, и околу Офел и го издигна високо. Потоа постави воени началници по сите утврдени градови во Јудеја,
15ги отстрани туѓите богови, идолот од Господовиот дом и сите идолски светилишта, што ги беше изградил во гората на Господовиот дом и во Ерусалим, ги исфрли надвор од градот.
16Го обнови жртвеникот Господов и принесе на него жртви, помирителни и благодарствени, и им порача на Јудејците да Му служат на Господ, Бог Израелов.
17Но народот уште принесуваше жртви по идолските светилишта, но и на Господ, Својот Бог.
18Другите дела Манасиеви, молитвата негова кон својот Бог и зборовите на јасновидците, кои му говореа од името на Господ, Бог Израелов, се наоѓаат во Книгата за царевите израелски.
19И молитвата негова, и тоа, што Господ се приклони кон него, и сите негови гревови и беззаконија, и местата, по кои беше издигнал жртвеници и поставил ликови на Ашера и идоли, пред да се понизи, опишани се во записите на Хазај.
20И почина Манасија кај своите предци, и го погребаа во домот негов. А на негово место се зацари синот негов Амон.
21Амон беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим две години.
22И тој го правеше она што не беше угодно пред очите Господови така, како што го правеше тоа татко му Манасија: на сите идоли, што ги беше направил татко му Манасија, Амон им принесуваше жртва и им служеше.
23И не се понизи пред Господ, како што се понизи таткото негов Манасија; напротив, Амон ги наголеми гревовите свои.
24Слугите негови се побунија против него и го убија во домот негов.
25Но народот во земјата ги изби сите оние, што беа во бунтот против царот Амон, и место него народот на таа земја го избра за цар синот негов Јошија.