2 Chronicles 292006

1Езекија стана цар на дваесет и пет години, и царуваше во Еру­салим дваесет и девет години; мајка му се викаше Авија, Захариева ќерка.

2Тој го правеше она што беше угодно пред очите Господови, токму онака како и неговиот предок Давид.

3Уште во првата година на царувањето свое, во првиот месец, тој ги отвори вратите на домот Господов и ги обнови;

4и им заповеда на свештениците и ле­витите да дојдат, ги собра на источниот плоштад

5и им рече: „Послушајте ме, левити! Сега осветете се, осветете го и домот на Господ, Бог на предците ваши; исфрлете ја нечистотијата од светилиштето.

6Зашто предците наши постапуваа неугодно пред очите на Господ, нашиот Бог, Го оставија, го одвратија лицето свое од Господовото живеа­лиште, Му свртеа грб,

7ја затворија вратата на притворот, ги угаснаа светилниците, не палеа кадило и не принесуваа сепаленици во све­тилиштето на израелскиот Бог.

8И гневот Господов беше врз Јудеја и врз Ерусалим, и Тој ги предаде на пре­зир, на опустошување и на потсмев, како што гледате со очите свои.

9Ете, предците наши паднаа под меч, а синовите наши, и ќерките наши, и жените наши затоа се во плен во туѓа земја досега.

10И сега имам на срце да склучам завет со Господ, Бог Израелов, та да го отстрани од нас пламенот на гневот Свој.

11Деца мои! Не бидете небрежни, зашто Господ ве избра за да стоите пред лицето Негово, да Му служите и да Му бидете служители и да кадите.“

12Тогаш станаа левитите: Маат, синот Амасаев, и Јоил, синот Азариев — од синовите Каатови; и од синовите Мерариеви: Кис, синот Авдиев, и Аза­рија, синот Јехалелелов; и од племето Гирсоново: Јоах, синот на Зима, и Еден, синот Јоахов;

13и од синовите Елицафанови: Ши­м­ри и Јеиел; и од синовите Аса­фови: Захарија и Матанија;

14и од синовите Еманови; Јехиил и Шимеј; и од синовите Једутунови: Ше­маја и Узиил.

15Тие ги собраа браќата свои, се ос­ветија и отидоа по заповед на царот да го очистат домот Господов, според словото Господово.

16Свештениците влегуваа внатре во домот Господов, за да го очистат, и сето нечисто, она што го најдоа во храмот Господов, го изнесоа во дворот на домот Господов, а левитите го зедоа тоа да го изнесат надвор кон потокот Кедрон.

17И почнаа да осветуваат на првиот ден од првиот месец, и на осмиот ден на истиот месец влегоа во тремот Госпо­дов; го осветуваа домот Госпо­дов осум дена и на шеснаесеттиот ден од првиот месец завршија.

18Тогаш дојдоа во домот кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме домот Господов и жртвеникот за сепаленици, и сите негови садови, и трпезата за принесените лебови, и сите нејзини садови;

19сите садови што беше ги зафрлил царот Ахаз во текот на царувањето свое, во своето беззаконие, ги приготвивме и осветивме; ете, тие се пред Господовиот жртвеник.“

20Утредента рано царот Езекија стана, ги собра градските началници и отиде во домот Господов.

21И дотера седум телиња, седум овни, седум јагниња и седум козли — да ги принесат како жртва за грев, за царството, за светилиштето и за Јудеја; и им запо­веда на свештени­ците, синови Аронови, да принесат сепаленици врз Господови­от жртве­ник.

22И ги заклаа телците, а свештеници­те зедоа крв и го поросија жртвеникот; ги заклаа овните и го поросија со крв жртвеникот; ги заклаа јагнињата и го поросија со крв жртвеникот.

23Ги дотераа и козлите, кои беа жртва за грев, пред царот и собранието, и тие ги положија врз нив рацете свои.

24Свештениците ги заклаа и го исчистија со нивната крв жртвеникот, за да се простат гревовите на целиот Израел, зашто царот беше заповедал да се принесе сепалинца и жртва за грев за целиот Израел.

25И постави левити во домот Госпо­дов со кимвали, харфи и лири, според наредбите на Давид и Гад, царскиот јасновидец, и на пророкот Натан, бидејќи таа заповед беше дадена од Господ преку пророците Негови.

26И застанаа левитите со Давидови­те свирки и свештениците со труби.

27Тогаш Езекија заповеда да принесат сепаленица врз жртвеникот. И кога почнаа да ја принесуваат сепаленицата, почна пеење на Господ со звуци на трубите и свирките на Давид, царот израелски.

28И целото собрание се молеше, пе­јачите пееја и трубите трубеа, сѐ додека не се изврши сепаленицата.

29А кога заврши сепаленицата, ца­рот и сите, што беа кај него, се наведнаа и се поклонија.

30Царот Езекија и началниците им рекоа на левитите да Го слават Господа со зборовите на Давид и јасновидецот Асаф; тие славеа со радост и се наведнуваа и се поклонуваа.

31Продолжи Езекија и рече: „Сега вие Му се посветивте на Господ: при­стапувајте и принесувајте жртви и бла­годарствени приноси во домот Госпо­дов.“ И целото собрание почна да принесува жртви и благодарствени приноси, а секој кој имаше срдечна желба принесуваше и сепаленици.

32А бројот на сепалениците, што собранието ги донесе, изнесуваше: се­думдесет волови, сто овни, двесте јагниња — сето тоа за сепаленица на Господ.

33Други свештени жртви имаше: шестотини глави крупен добиток и три илјади ситен добиток.

34Но свештениците беа малку и не можеа да ги одерат кожите од сите сепаленици, па им помагаа браќата нивни левитите, додека се сврши работата и додека се осветија другите свештеници, зашто левитите беа поу­срдни во желбата да се посветат, отколку свештениците.

35А притоа имаше многу сепаленици со масни меса од жртвите за помирување и со преливи врз сепаленицата. Така беше обновено служе­њето во домот Господов.

36И се радуваше Езекија и целиот народ, поради тоа што Бог така го расположи народот, бидејќи тоа стана неочекувано.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Chronicles 29.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.