1Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа.
2Епископот треба да е непорочен, маж само на една жена, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува;
3не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљубив;
4својата куќа добро да ја управува и да ги држи чедата во послушност со сета сериозност.
5Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?
6Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и да падне под осуда, како ѓаволот.
7Тој треба уште да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓаволот.
8Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не дволични, да не се страсни за вино, ниту алчни за гнасна печалба;
9да ја пазат тајната на верата со чиста совест.
10И тие треба најнапред да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат служители.
11Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ.
12Ѓаконите треба да бидат мажи на една жена, добро да управуваат со децата свои и куќата своја.
13Зашто оние што служат добро како ѓакони, се здобиваат со угледна положба и голема смелост во верата што ја имаат во Исус Христос.
14А ова ти го пишувам со надеж дека скоро ќе дојдам кај тебе.
15А, ако случајно се позабавам, да знаеш како треба да се однесуваат во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината.
16А, несомнено, голема е тајната на побожноста. Бог, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ангелите, проповедан на народите, веруван во светот, вознесен во слава.