1А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења,
2преку лицемерството на оние што зборуваат лага и имаат догорена совест;
3кои забрануваат да се стапува во брак и наметнуваат воздржување од јадења што ги создал Бог, за да бидат употребувани од оние кои веруваат и ја познаваат вистината.
4Зашто, секое нешто создадено од Бога е добро и ништо не е за отфрлање, ако се прима со благодарност,
5бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва.
6Ова советувај им го на браќата и ќе бидеш добар служител на Исус Христос, хранет со зборовите на верата и на доброто учење што си го примил.
7Од нечисти и од бапски приказни бегај, а обучувај се во побожност;
8зашто телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот.
9Тие зборови се верни и достојни да бидат целосно прифатени.
10Затоа и се трудиме и се бориме, зашто се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на оние кои веруваат.
11Ова препорачувај го и поучувај!
12Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота!
13Додека дојдам, занимавај се со читање на Писмото, со утешување и со поучување!
14Не занемарувај ја дарбата што е во тебе, и која ти беше дадена по пророштво заедно со полагање раце врз тебе од свештенството!
15Грижи се за тоа, на тоа предади се, та успехот твој да им стане јасен на сите!
16Пази на себе и на учењето; биди истраен во тоа, зашто, ако постапуваш така, ќе се спасиш и себе самиот и оние што те слушаат.