1А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без приговор,
2кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот.
3Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,
4туку — внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.
5Зашто така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,
6како што Сара го слушаше Авраам, нарекувајќи го господар. Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.
7Така и вие, мажите, живејте со своите жени во разбирање и почитувајте ги како послабо суштество и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши.
8А најпосле, бидете сите еднодушни, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;
9не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благослов.
10„Зашто, кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги.
11Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него —
12бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови — кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние кои прават зло за да ги истреби од земјата.“
13И кој ќе ви направи зло, ако правите добро?
14Но, ако и страдате за правда, блажени сте; не плашете се од она од што тие се плашат и не бојте се;
15туку Господ Бог почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страхопочит за одговор на секого кој од вас ќе побара сметка за вашата надеж.
16Имајте чиста совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злосторници, да се посрамат тие што ве кудат поради вашиот добар живот во Христос.
17Зашто, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате правејќи добро, отколку вршејќи лошо.
18Бидејќи и Христос, за да нѐ доведе кај Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, умре по тело, но оживеа со духот.
19Во него откако слезе, им проповеда и на духовите кои беа в затвор,
20кои некогаш не се покорија кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во времето на Ное, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се спасија од водата.
21Образецот на таа вода — крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога добра совест — нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исус Христос,
22Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите.