1А за она што ми пишавте — добро е човек да не се допира до жена.
2Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж.
3Мажот да ја извршува својата должност спрема жената, а исто така и жената — спрема мажот.
4Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.
5Не лишувајте се еден од друг — освен по договор за некое време, за да ѝ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување.
6Ова, пак, ви го велам како допуштање, а не како заповед.
7Зашто сакам, сите луѓе да бидат како мене; но секој си има своја дарба од Бога — еден на ваков начин, друг на поинаков.
8А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде ако останат како мене.
9Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст.
10А на женетите и мажените им заповедам — не јас, туку Господ — жената да не се разделува од мажот, —
11ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, — а и мажот да не ја остава жената своја.
12А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, безверничка, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава;
13и ако некоја жена има маж, безверник, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава.
14Зашто маж безверник се осветува преку жената која верува, и жена безверничка се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети.
15Ако некој безверник сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог.
16Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти?
17Само секој нека постапува така како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви.
18Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува.
19Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ.
20Секој да си остане во звањето во кое е повикан.
21Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.
22Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; исто така и кој е повикан како ослободеник станува роб Христов.
23Вие сте скапо платени! Не станувајте робови на луѓе!
24Секој што е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.
25А што се однесува до девиците, за нив немам заповед од Господ, но давам совет како човек, кој е помилуван од Господ да биде верен.
26Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да остане таков.
27Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена.
28Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам.
29Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;
30и кои плачат — како да не плачат; и кои се радуваат — како да не се радуваат; и кои купуваат — како да немаат ништо,
31и кои се ползуваат од овој свет — како да не се ползуваат; зашто ликот на овој свет е минлив.
32Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, — како да Му угоди на Господ;
33а женетиот се грижи за световни работи — како да ѝ угоди на жената.
34Тука е разликата меѓу жената и девојката. Немажената жена се грижи за Господови работи — како да Му угоди на Господ, за да биде света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи — како да му угоди на мажот свој.
35Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам стапица, туку примерно и непречено да бидете приврзани на Господ.
36Ако некој мисли дека е срамно девицата негова да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат.
37А кој е тврд во срцето свое и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја зачува својата девица, тој добро прави.
38Така оној, кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној, што нема да ја омажи, подобро прави.
39Жената е врзана додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господ.
40Само, поблажена е ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.