1Дали некој од вас, кога има спор против друг, би се осмелил да се суди пред неправедни, а не пред светии?
2Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи?
3Не знаете ли дека ангели ќе судиме, а не, пак, она секојдневното?
4А кога имате спор за работи од овој свет, за судии земете ги оние кои од црквата се сметаат за безначајни!
5За ваш срам велам: зарем меѓу вас нема мудар, кој може да расуди меѓу браќата свои?
6Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници!
7Многу срамно е веќе тоа и за вас што имате спорови меѓу себе. Зошто поскоро не трпите неправда? Зошто поскоро не ја претрпите штетата?
8Но вие сами навредувате и нанесувате неправда и ограбувате, и тоа браќата свои.
9Или не знаете дека неправедните нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудците, ни мажеложниците,
10ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни разбојниците нема да го наследат царството Божјо.
11А такви беа и некои од вас; но се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог.
12„Сѐ ми е допуштено!“ Но не е сѐ полезно: „Сѐ ми е допуштено!“ Но ништо не сакам да завладее над мене.
13Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господ, а Господ — за телото.
14А Бог и Господ Го воскресна, и нас ќе нѐ воскресне со силата Своја.
15Зар не знаете дека телата ваши се делови од Христос? Ќе ги земам ли деловите од Христос и да ги направам делови на блудница? Тоа никако!
16Или, пак, не знаете дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: „Обата ќе бидат едно тело.“
17А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него.
18Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето тело.
19Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе?
20Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.