1А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете.
2Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте кај немите идоли, како да ве водеа.
3Затоа ви давам на знаење дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус!“, и никој не може да каже: „Исус е Господ!“, освен преку Светиот Дух.
4Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист;
5има разни служби, но Господ е еден и ист;
6и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите.
7А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза;
8зашто, на еден му се дава преку Духот да зборува со мудрост, на друг — да зборува знаење, преку истиот Дух;
9на еден — вера, преку истиот Дух; на друг — дарби за лекување, преку истиот Дух;
10на друг — чудотворства, на друг — да пророкува, на друг — да ги разликува духовите, на друг — разни јазици, на друг — да толкува јазици.
11Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.
12И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, — така и Христос.
13Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело — било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени.
14Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу.
15Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото?
16И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото?
17Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот?
18Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што посакал.
19Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото?
20А сега се, пак, многу делови, но сепак едно тело.
21И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни.“
22Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни;
23и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им оддаваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност.
24Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил телото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат.
25За да нема раздори во телото, но деловите подеднакво да се грижат едни за други.
26А кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови.
27Вие сте телото Христово, а поодделно — членови.
28И некои од вас Бог постави во Црквата: прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па за помагање, за управување и за зборување на разни јазици.
29Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци?
30Сите ли имаат дарба да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Сите ли се толкувачи?
31Стремете се кон поголеми дарби. А сега ви покажувам еден многу повозвишен пат: